Лекарите кои од јануари оваа година се концесионери во Маларична бараат подобри услови за работа. Последната непријатност кога поради пожар предизвикан од застарена инсталација Маларична неколку дена остана без електрична енергија, можеше да се очекува велат лекарите. Тие тврдат дека уште при потпишувањето на договорите за концесионерство укажувале на проблемот со застарената електрична инсталација но проблемот не бил решен.
Екипи на ЕСМ деновиве го отстранија дефектот, но лекарите стравуваат дека проблемот може да се повтори, бидејќи како што велат, доводот на електрична енергија во зградата е со слаб напон. „Сите ординации сега се опремени со инструменти, со ЕКГ, со грејни тела, а до вчера тука се грееше на дрва . Можеби тој кабел трпел до вчера ама од денеска не може да трпи затоа што сите имаме грејни тела и не сме сигурни дали проблемот со струјата во Маларична е решен дефинитивно“, вели д-р Ристо Шибакоски, општ лекар.
Стравувањата на лекарите се оправдани ни изјави член на екипата која работеше на отстранување на дефектот. Според него , доколку доводниот кабел не се промени испади во електро мрежата во Маларична како тој од минатата недела што предизвика пожар може повторно да има.
Директорот на Здравствен дом Митко Дабески одговорноста за проблемот ја префрла на ЕВН од каде како што ни изјави, 10 месеци се оглушувале на барањето за доставување идејно решение за санација на застарената електрична инсталација во Маларична. Штом ќе добиеме план за санација истиот веднаш ќе го проследиме до Министрерството за здравство од каде треба да бидат одобрени средства, но тоа е само времено решавање на проблемот, вели Дабески.
Во пет децении старата зграда на Здравствениот дом се сместени повеќе ординации на општи лекари, лаборатории, стоматолошки ординации, педијатри и амбулантата за итна медицинска помош, каде се лекува третина од населението во Охрид. И покрај тоа што концесионерите неодамна со сопствени средства ги реновираа ординациите, условите во Маларична се сеуште далеку под потребното ниво. Незадоволни од таквата состојба лекарите поведоа судска постапка против Здравствен дом која сега се наоѓа пред Врховниот суд.
Најпогодени во целата ситуација се граѓаните кои велат дека им е преку глава од ветувањата на политичарите кои при секои избори најавуваат изградба на нов Здравствен дом во Охрид. Во меѓувреме Маларична продолжува да се распаѓа и прашање е само кога може да се случи нов непријатен инцидент.
Г. Момироски