Американската пејачка Лејди Гага вети високотехнолошки мултисензорен настап на претстојното доделување на наградите Греми, со кои ќе му оддаде почит на починатата рок легенда, со оглед на тоа што Дејвид Боуви сакаше експерименти. Греми наградите ќе бидат доделени во понеделник, едвај еден месец после шокантната смрт на една од највлијателните личности во поп културата, пионир на глам рокот, кој очигледно ја инспирира и Лејди Гага. Организаторите на најголемата вечер во музичката индустрија велат дека настапот кој го припрема ексцентричната пејачка ќе биде исклучително иновативен.

 

Продуцентот Ерик Кук вели дека досега не сме виделе нешто слично. Тоа ќе биде амбициозен настап и навистина се возбудени поради тоа. Во компанијата Интел велат дека развиле специјални ефекти за спектаклот на доделувањето на наградите, кое ќе биде пренесувано во живо од Лос Анџелес. Боуви, кој неодамна почина на 69 години, освои само една Греми награда, а Лејди Гага, која планира оваа година да издаде нов албум, вели дека како млад уметник се вљубила во неговата музика.