Фудбалските легенди од Охрид, несебично поддржани од нивните некогашни колеги од репрезентацијата и клубовите во кои настапуваа, денеска на СРЦ „Билјанини извори“ одиграа ревијален натпревар во хуманитарни цели.
На СРЦ „Билјанини Извори“ истрча дел од незаборавната генерација на ФК „Охрид“ која во 90-те години играше во Првата фудбалска лига, како и легенди од годините претходно. На некогаш престижниот тревник во Охрид поранешниот репрезентативен голман број еден на Македонија Данчо Целески го предводеше тимот на македонските легенди во кој заиграа Вујадин Станојковиќ, Бошко Ѓуроски, Илија Најдоски, Саша Ќириќ… наспроти поранешните играчи на Ф.К. Охрид, Гоце Маркоски, Гоце Толески, Драган Бочески, Ламбе Арнаудов, Јаким Бакулески, Благоја Буџакоски, Ацо Велјаноски, Сашо Велјаноски, Лескароски, Шулески и други.
И на клупите легенди на охридскиот фудбал, вљубеници во буба марата како Блажески, Мишев, Танасоски и други. За носталгијата да биде комплетна се погрижи навивачката група „Рибари“ која истакна транспаренти на „Запад“, како во старите добри времиња.
На трибините исто така легенди, меѓу нив и популарниот Џаро, чии „ фудбалски приказни“ се прераскажуваат до ден денес.
Резултатот на ваквите натпревари секогаш е во втор план, а фудбалските легенди иако со по некој килограм повеќе и во години, прописно ги испотија дресовите. Дотолку повеќе заслужуваат комплименти што играа во хуманитарни цели за помош на 11годишно момче од Охрид на кое му е потребна операција во Пекинг, Кина. Гледачите, кои за жал ги немаше многу, исто така донираа средства во хуманитарни цели, а тоа можат да го направат и сите граѓани со испраќање СМС порака на : ОНЕ – 075 143 113, ВИП – 077 143 155, Т МОБИЛе – 070 143 105, како и на следната жиро сметка: 530500017615254 Охридска Банка. Повикот чини 100 денари + ДДВ.
Организатори на ревијалниот натпревар беа ФФМ, локалната самоуправа и ЈП „Билјанини Извори“.
OhridNews