Силни емоции предизвика повторното „отворање“ на култното „Мецо Форте“. Некогаш омиленото место на охриѓани и гостите од целата држава уште од отворањето во 1988 година, веќе извесен период не работи. На иницијатива на Игор Јованоски – Шведски и поранешниот персонал, синоќа се одржа „Reunion party“, забава од затворен тип, на која присуствуваа голем дел од некогашните вработени, газди, како и многу гости, меѓу кои познати урбани ликови од Охрид и земјава, почитувачи на добрата забава за која „Мецо Форте“ во време на своето работење беше вистински синоним. Некои од нив дојдоа со своите деца, родени многу години по отворањето на „Мецо Форте“, каде се родија многу големи љубови.
Присутните со голем аплауз им оддадоа почит на неоправдано отсутните, починатите Сашо – Сале Кичеец, Лидија Тунтева, Кирчо Трпен и конобарот Бозо. Во спомен на омилениот угостителски лик на охриѓани и еснафот и еден од основачите на „Мецо Форте“, Сале Кичеец, во еден глас сите ја испеаја неговата омилена песна „Цесарица“ од Оливер Драгојевиќ.
-Пред извесно време на кафе ме викнаа неколкумина од поранешниот персонал ми ја изнесоа идејата и побараа согласност од мене „Мецо Форте“ да биде отворено на еден ден во чест на годишнината од отворањето кое се случи на 3-ти јули на Св. Наум, и во спомен на Сашо Кичеец кој почина на 5-ти јули 2008 година. Голема благодарност до иницијаторите, пред се до Игорче од Шведска, што вечерва ги собраа поранешните персонали од „Мецо Форте“.-истакна во кусиот говор сопственикот на „Мецо Форте“, инаку познат охридски адвокат Игор Кичеец.
„Мецо Форте“, синоќа беше вистинска временска машина. Игорче, Нено и Момир од диџеј кабината ги пуштаа старите хитовите кои силно наврќаа на убавите години од младоста и прекрасното време поминато во искрено дружење и неповторливите забави кои завршуваа со качување на шанкот и на столови. Никому не му пречеа повремените прекини заради прашината која се нафатила на старите цедеа или прекин на интернетот, а сето тоа вешто со микрофонот го надминуваше Тони Тунте кој беше одличен аниматор, како во старите добри времиња.
Повторната средба на поранешните персонали и гости во „Мецо Форте“, можеби на многумина нема да им значи ништо, но таа ги разбуди спомените на едни убави времиња во Охрид, кога градот имаше квалитетна забава, ноќен живот и угостители за почит.
А тоа е бесценето.
Горан Момироски
Фото галерија
Култното „Мецо Форте“ го врати времето неколку децении наназад