Повеќе од три децении е неизбежен дел од спортот во Македонија, сите треперат и не остануваат рамнодушни кога ќе го слушнат гласот на единствениот Златко Калински. Тој веќе подолго време е во екипата на Македонската радио и телевизија, а неговите почетоци биле во македонското радио.


–  Инспирацијата да запливам во новинарските води е од мали нозе, секогаш сум го сакал спортот, а моето родно место е сто метри од градскиот стадион во Скопје денешен „Филип Втори“. Место каде порано се збираа сите врвни спортисти и наликуваше на Олимписки ринг.  Спортот од секогаш ми оставал големи импресии и за случајност или среќа решив да се занимавам со спортско новинарство. Новинарството е прекрасна професија исполнета со емоции. Сеуште сум обземен и ја работам со ист ентузијазам и љубов како на почетокот кога за прв влегов во спортската редакција на радио Скопје – рече Калински и додаде – До моето заминување во пензија ми преостануваат уште три и пол години и сакам да завршам со исто темпо и љубов како што започнав пред триесет години.

Незаборавниот глас, емотивното коментирање и страста која ја внесува во натпреварите, непресушниот  речник и беспрекорната дикција се заштитен знак на Калински, со  што ги освојува спортските фанатаци.

– Секогаш се обидувам да бидам свој, да изградам свој начин на работа и имиџ по кој сите ќе ме препознаваат и паметат. Спортот е „проклета“ магија која ја сака целиот свет, ние сме јавни личности и негови презентери затоа секогаш ќе бидеме препознатливи по начинот на работа – потенцираше Калински.

Иако фудбалот е движечка сила на спортот и поголем број директни преноси се поврзани со „бубамарата“, сепак „кралицата на спортовите“ е „првата“ љубов на Калински – Фудбалот е најголемата магија на спортот , тој има нешто што е неспоредливо со ниту еден спорт. Но, атлетиката на свој начин за мене е предизвикувачка од повеќе од аспекти. Атлетиката е спорт во кој што еден природен човечки нагон може да се види, да се трча брзо, да се скока високо, да се биде силен во фрлачките дисциплини. Можеби тоа што не сум имал предиспозиции да бидам атлетичар,  на друг начин и имам вратено на „кралицата на спортовите“. Инаку атлетиката за работење е многу тежок спорт и бара голема подготовка бидејќи за секој спортист мора да го знаеш минатато, а во еден ден може да продефелираат повеќе од 100 или 200 атлетичари. Но, убавината во работењето е во тешкотијата, убавината е во оние асови кои се граничат со фантазија и оние други протагонисти кои ја прават атлетиката „кралица на спортовите.


Низ својата новинарска кариера Калински бил дел од девет Олимпијади, четиранаесет Светски првенства во фудбал и уште многу спортски настани кои оставиле силен белег кај нас и во светот.

– Тешко ми е да издвојам еден момент кој ми е омилен од моето досегашно работење во спортското новинарство. Еден од незаборавните е развиореното македонско знаме на Олимпијадата 1996 година во Атланта во рацете на Владимир Богоевски. Тогаш за прв пат на тој Олимписки стадион одекна името Македонија и имаше презентација на спортистите кои ги бранеа боите на нашата земја. Коментирањето на финалето во Јокохама од мундијалот во Јапонија и Јужна Кореја 2002 кога Бразил ја совлада Германија со 2-0 со головите на Роналдо. Сум коментирал натпревари во кои  резултатите се врв на човековите можности и неможам да се одлучам кој е моментот, кој ќе ми е најдрагоцен од мојата професија – заврши Калински.

Михаил Постоловски