Италијанскиот моден дизајнер Валентино го најави своето пензионирање кажувајќи дека е време да се одалечи од светот на модата.
„Ова е совршен момент да се простам од светот на модата“, рекол, додавајќи дека сите свои модни активности ќе ги заврши до февруари 2008. Моментално пензионирање не е можно бидејќи се уште работи на колекцијата која ќе ја претстави во октомври на модната недела во Париз.
Валентино се смета за еден од највлијателните модни дизајнери во светот. Од незаборавната модна ревија во Париз 1962 година до денес, на модниот свет му понуди многу иновативни дизајни и фасцинантни креации.
Првите 30 години од својата кариера ги прослави со голем спектакл „Валентино-30 години магија“, што беше и наслов на биографска книга.
Денес продавниците на „Валентино“ се наоѓаат ширум светот, а само во 2005 се отворени 18. За Валентино се вели дека може да стои рамо до рамо со Ферари затоа што „ја претставува вистинската италијанска убавина“.
Ј. Момироска