Одам секаде каде што сум добредојден и каде ќе ме поканат, вели најдобриот македонски гитарист, Влатко Стефаносвки кој вечерва со неговото трио ќе одржи концерт на плажа- терасата „Куба Либре“.

– Ова е единствената покана за концерт која летово ја имав во Македонија, што е многу интересно. Би сакал да имам повеќе ангажмани токму овде. Летово веќе одржав четири концерти во Хрватска, исто толку и во Србија, еден во Црна Гора и Босна и Херцеговина. Ме радува што ќе свирам во овој прекрасен амбиент и драго ми е што ме поканаа. Го сакам Охрид и секогаш ми е инспирација за мојата музика и се надевам дека вечерва ќе биде прекрасна свирка, рече Стефаноски. Со моето трио ќе свириме музика од мојот репертоар во изминатите 30 години. Ќе прошетаме низ сите периоди- малку филмска музика, блуз, обработка на традиционална македонска музика и мои познати хитови, најави Стефановски.  

За тоа колку младите генерации ја прифаќаат неговата музика, Стефановски вели: –  Сум доживеал разни бранови на популарност и правци. Утеха ми се колегите од запад. Неодамна бев на концерт на Џеф Бек во Белград, кој има 67 години, изгледа како да има 35, а свири како да има 25 години. Никогаш не сум бил премногу ин, но и не сум излегол од мода. Одам по една линија за која се надевам дека значи квалитет и сериозен пристап кон работата. Никогаш на концерт не сум свирел само за да помине концертот, туку секогаш тоа го правам со задоволство.  Имам респект кон секој присутен во публиката и секој што ми дава мандат да свирам, еве веќе повеќе од 30 години.

Своите наследници ги гледа во неколкуте алтернативни бендови во земјава, а за охриѓанецот Дамјан  Пејчиноски вели дека е генијален гитарист .

– Го знам уште од пред неколку години и навистина сметам дека е музичар кој многу ветува, рече Влатко.
 
За соработката со Мирослав Тадиќ потенцира дека  станува збор за интересен спој, во кој судбината вмешала прсти.

–  Со Тадиќ до сега имаме снимено четири албуми. Жал ми е што овде не  може да се набави последно снимениот „Лајф ин Загреб“ од 2007 година. Летово имавме еден заеднички концерт во Хрватска, поради неговите ангажмани со Раде Шербеџија. Албумите кои заедно ги снимивме може да се каже дека станале култ. “Трета мајка”, но и “ Крушево”, кој е најбараниот албум во последните 15 години, додаде Стефановски.

Тој истакна дека новиот албум кој го подготвува со триото ќе биде поразличен од досега, ориентиран во рок стил.

– Музиката е веќе снимена, само ме мачат текстовите- сеуште размислувам што да и соопштам на публиката и на кој начин. Овој пат не сакам да филозофирам, сакам да сум едноставен, духовит по можност. Барам рими и реченици со кои ќе и се обратам на публиката, што понекогаш знае да биде и мачна работа. Инспирација наоѓам насекаде, запишувам во мобилен, додека возам застанувам на паркинг за да запишам, открива Стефановски.


Влатко Стефановски со своето трио вечерва настапува на плажата „Cuba Libre“

Извонредниот гитарист истакна дека со поранешните колеги, кои настапуваат под името „Леб и сол“ нема никакви контакти, а на средбата со охридските новинари зборуваше  и за проблемот кој години наназад се провлекува- Заштитата на авторските права.

– Од мојата музика која сум ја снимил можам да кажам дека остварувам многу скромни средства, што и не е многу стимулативно за понатамошното творење. Во Македонија поголем поттик дава отварањето на пицерија, од колку создавањето музика што е жалосно. Овој проблем е присутен речиси на целиот Бакан,  освен во Хрватска, каде авторските права навистина се заштитени. Овде ако украдете чоколадо, може да одите и во затвор или да ве казнат. Додека пак, ако  пуштате моја музика 5 саати во некое кафуле, никој не оди во затвор, ниту мене некој ќе ми плати за тоа што се слушала музика која јас сум ја направил. Композицијата е приватна сопственост на авторот и секое користење на приватна сопственост треба да е адекватно наплатена. Но, не сме ние музичарите кои треба ова да го регулираме. Со години сум реагирал, но без резултат, вели Стефаноски.

Од концертите кои ги посетил изминатите месеци, Стефаноски потенцира дека со особено уживање ги проследил концертот на Џеф Бек во Белград и Боб Дилан во Скопје. Инспирираниот Стефановски на посетителите на плажата „Куба Либре“ вечерва им најави одлична забава. Концертот на Влатко Стефановски трио на плажата „Куба Либре“, започнува во 22 часот.

Тања Кувенџиска