Повлекување на точките за легализација на дивоградбите од дневен ред од страна на предлагачот побара на денешната одржана Седница на Совет координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата, Живка Ангелоска.

Образложи дека се наоѓаме во предизборие, изборите се распишани, но и еден дел од тие објекти се наоѓаат на површина која претставува државна сопственост. Потенцираше дека веднаш по завршување на изборите истите може да се стават на Дневен ред, да се расправа и одлучува по нив.

Дотолку повеќе ова го побарав за локалната власт да остане доследна сама на себе, да остане доследна на тоа што го зборуваше во 2021 година и го критикуваше, а ние го прифативме. Сега се прашувам ако во 2021 година актуелната локална власт која тогаш беше опозиција легализациите ги нарекуваше предизборен поткуп зошто сега реши да им претставуваат пракса и да го прават тоа што го критикуваа. И тогаш во интерес на политичка култура беше прифатено и постапено како што бараа. За жал, очигледно дека ставовите се менуваат зависно од позицијата. Тоа што најостро го критикуваше актуелната локална власт кога беше опозиција сега кога е на власт го практикува, вели Ангелоска.

Советникот Перчо Божиновски истакна дека со доаѓање на локалната власт во предизборните ветувања имале решавање на легализациите, односно барања од граѓаните кои биле поднесени и во 2011 година и чекале многу години.

Со доаѓањето на новата локална власт предводена од ВМРО ДПМНЕ докажавме дека тие легализации треба да се решат и граѓаните не треба повеќе да чекаат. Дали тоа ќе биде предизборен период, ако така гледаме навраќајќи се секоја година е изборна година и граѓаните тогаш треба да чекаат. Дека сме изјавиле дека е некаков предизборен маркетинг или игра, јас искрено не се сеќавам, барем јас лично немам изјавено. Се водиме од интересот на граѓаните да ги решиме тие дивоградби, легализации, односно предмети кои ги имаат дадено. И во случајот ги изгласавме на Седница на Совет и не гледам ништо спорно. Штом стигнале како точки на Дневен ред, а поминале низ еден филтер низ општинската администрација, тоа значи дека биле комплетирани сите документи, од правен аспект, од архитектонски, градежен и мислам дека треба да излеземе во пресрет на барањата на граѓаните. Тие точки така ги гледам, не како период на предизборие и дека треба да се стопираат, туку напоротив што е можно побрзо да се решат и оние останати други кои ги имаме како локална самоуправа, додаде Божиновски.

Н.С.Ј.