Во изминатиот период се позачестени се пријавите за повредени лебеди во Охридското езеро. Најновиот случај е лебед на кој клунот му е заврзан со рибарски конец и тапа, информираат од Здружението за заштита на животни „Анимал Ворлд“ Струга.
– Овој лебед бил забележан кај областа Евро хотел и покрај тоа што загрижените граѓани се јавиле на неколку места, сепак никаква повратна реакција немало. Единствено што нè извести локален ветеринар е дека му било кажано дека ќе излезат луѓе на терен, но се уште нема никаква информација дали навистина нешто е преземено. – велат од „Анимал Ворлд“.
Од здружението за заштита на животни не се зачудени што никој од надлежните институции не презел мерки да му се помогне на лебедот. Додаваат дека во нашата држава се уште нема стручни лица кои неговото заловување би го извршиле професионално и лебедот не би бил дополнително истрауматизиран. Укажуваат и на случајот кога на повреден лебед помош се обиде да му пружи друштвото „Анималиа“ од Охрид, но доби опомена дека ќе биде казнето доколку реагираат, затоа што се работи за заштитен вид.
-Крајно време е институциите во нашата држава да преземат мерки за овој редок вид кој го краси нашето езеро и со еден сеопфатен и стручен пристап да обезбедат негова заштита. Во спротивно, можеме да го очекуваме најлошото и оваа прекрасна птица да остане само спомен со кој сме се гордееле некогаш. – предупредуваат од Здружението за заштита на животни „Анимал Ворлд“ Струга.
OhridNews