Тоа што нема бел и полубел леб на полиците во маркетите значи дека сите ја почитуваме одлуката донесена во понеделникот на состанокот во Стопанската комора, велат претставници од пекарската индустрија. Според нив, засега промена на ваквата одлука нема.

Во меѓувреме, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) врши интензивни контроли – дали на терен се почитува владината одлука за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, донесена вчера.

Пекарите едноставно си ја почитуваат одлуката. Одлуката е донесена во понеделникот и промена на одлуката засега нема. Уште еднаш ќе повторам, тоа што нема леб на полиците во маркетите значи дека пекарите си ја почитуваат одлуката, истакна за МИА претставник од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.

Државниот пазарен инспекторат, како што информираат од таму за МИА, со сите капацитети е на терен и врши контроли на почитувањето на владината одлука. Од ДПИ најавуваат дека јавно ќе ги соопштат податоците од теренските инспекции кон крајот на денов.

Владата вчера донесе одлука за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари. Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши соопштија дека одлуката ќе важи заклучно со 31 мај годинава. Причина за замрзнување на цената е непочитувањето на договорот да се намалат цените на основните прехранбени производи согласно субвенционираната струја што ја добиваа компаниите.

OhridNews