Англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед се наоѓа пред портите од финалето во Лигата на Европа, откако, во првиот натпревар на „Олд Трафорд“ со убедливи 6-2 ја совлада Рома. Во втората полуфинална двојка, Виљареал обезбеди минимална предност, победувајќи го Арсенал на домашен терен со 2-1.
„Црвените ѓаволи“ до високиот триумф стигнаа со пресврт во вторите 45 минути. Рома иако прва прими погодок на стартот од натпреварот, сепак, до крајот на првиот дел со головите на Пелегрини и Џеко го сврти резултатот во своја полза. Домаќините ја прегазија „волчицата“ во буквална смисла на зборот во второто полувреме, погодувајќи ја мрежата пет пати. Кавани стрелаше за 2-2 и 3-2, Фернандеш од пенал зголеми на 4-2, а Погба прецизен беше за 5-2. Печат на победата стави Гринвуд.
Виљареал и Арсенал одиграа борбен и содржаен натпревар. „Жолтата подморница“ во првиот половина час постигнаа два погодоци и поведоа со 2-0. Арсенал во 57-та минута остана со фудбалер помалку, после црвениот картон на Себаљос. „Топчиите“ не се откажаа и со играч помалку успеаја да постигнат погодок, кој комплетно ги врати во игра за пласман во финалето. Стрелец беше Пепе од пенал.
Реваншите од полуфиналната фаза се следниот четврток.
OhridNews