Репрезентациите на Македонија и Грузија ремизирајќи 1-1 (0-0) ги поделија бодовите во натпреварот од четвртата рунда во групата од лигата Ц во УЕФА Лигата на Нации.
„Црвено жолтите“ до реми со противникот во финалето од плејофот стигнаа со гол од пенал во судиското продолжение. Претходно, грузијците за водство погодија во 75-та минута преку Кварачкелија. Македонија од 68-та минута играше со фудбалер помалу, откако голманот Столе Димитриевски играше со рака надвор од казнетиот простор.
Почетокот на натпреварот им припадна на грузиските фудбалери кои успеаја да створат неколку изгледни прилики за погодок. На место беше Димитриевски, но и потесната одбрана заслужува пофални зборови. Македонските репрезентативци се заканија во последните 15-тина минути. Најблиски до погодок беше Горан Пандев. Капитенот биеше со глава, а топката за малку не ја затреси мрежата.
Двете селекции тактички го отворија второто полувреме. Повеќе се мислеше на својот, отколку на противничкиот гол. Натпреварот потполно се отвори во 68-та минута кога Димитриевски поцрвена, поради играње со рака надвор од својот простор. По само седум минути игра гостите ја искористија бројчаната предност и поведоа со 1-0. Кварачкелија после соло продор ја погоди мрежата на Шишковски кој го замени Димитриевски на голот.
Грузијците после водечкиот погодок имаа уште неколку прилики, но Шишковски не дозволи втор погодок и ја остави Македонија во игра за реми. Наградата стигна во судиското продолжение. Зајков беше фаулиран во казнетиот простор, а судијата и додели пенал на Македонија. Успешен од белата точка беше Езџан Алијоски кој ја извлеше од пораз нашата селекција.
Македонија и Грузија со идентични шест бодови остануваат на првата и втората позиција. Третопласирана е Естонија со пет бодови, а Ерменија е последна со два освоени бодови.
OhridNews
Фото: Gol.mk