Кире Лазаров капитенот на националната ракометна репрезентација, одлучи да и се приклучи на најдобрата машка селекција за претстојните квалификациски натпревари со Португалија.
Канцеларијата на РФМ на официјалната веб страна лиферуваше ново соопштение кое ви го пренесуваме во целост :
Ракометната федерација на Македонија годинава во исклучително важен период за државата се наоѓа пред огромни предизвици.
Организацијата на Европското сениорско првенство и јуниорското светско првенство, во годината кога РФМ слави 60 години од своето постоење, кога женската сениорска селекција го одбележува својот осми настап на големо натпреварување, налага на голема сериозност и одговорност кон тоа што го работиме.
Недоразбирањата се надминати, а случајот кој доведе капитенот на репрезентацијата Кирил Лазаров привремено да се повлече ќе биде испитан до крај и ќе има одговорност за тоа што се случи.
Факт е дека Кире Лазаров со години наназад максимално коректно ги одработува своите обврски кон репрезентацијата и како капитен даваше полн придонес во обидите Македонија заедно со него да се најде на едно од големите натпреварувања, а притоа настапувал и повреден, на последните бараж натпревари во јуни 2007 год. со Словенија, како и на 15.01.2003 год. во Кавадарци кога против селекцијата на Швајцарија, се повреди (скрши прст) и ја загрози сопствената кариера.
Многу е важно македонската сениорска репрезентација на располагање да ги има своите најдобри играчи на претстојните квалификации за Светско првенство во Хрватска 2009 год. а во интерес пред се на ракометот, сите проблеми треба да останат во минатото и да се надеваме дека ова нема да има влијание врз понатамошната работа и игра на репрезентацијата.
Лазаров ќе го пропушти реванш мечот против аутсајдерот Бугарија, но ќе биде дел од селекцијата за клучните натпревари против Португалија на 17 и 20-ти месецов.
ohridnews