Кошаркарската репрезентацијата на Македонија, во првиот контролен меч, кој беше дел од подготовките за настап на предолимпискиот турнир во Каракaс загуби од Русија со 61:80..
За разлика од Русија која настапи со комплетен состав, „црвено-жолтите“ овој меч го одиграа без четворица играчи од стартната постава – Антиќ и Гечевски добија продолжен одмор, Мекејлеб има обврски кон својот клуб, а Илиевски се рехабилитира од повредата.
И со таков однос на силите Македонија повеќе од 20 минути рамноправно се носеше со рускиот состав.
„Одигравме против една навистина силна репрезентација која беше во комплетен состав и одигра максимално ангажирано во текот на целиот натпревар. Добро изгледавме во првото полувреме, игравме квалитетно, имавме контрола и врз играта и врз резултатот, но по повредата на Маркиз Грин направивме неколку грешки во серија и противникот многу бргу се одлепи. Нивното искуство одигра многу важна улога во продолжението и не добивме многу можности да се приближиме на резултатот“, вели во изјава за интернет страницата на Кошаркарската федерација на Македонија селекторот Марјан Лазовски.
Плејмејкерот Грин поради повредата на коленото нема да игра на саботниот меч со Литванија, каде се очекува повеќе минути во играта да добијат младите играчи Ѓуроски, Зафировски и Николов.
„Тие немаа некоја голема минутажа, но има доста простор за нив во иднина и секако дека ќе им дадеме уште шанси. Продолжуваме да работиме напорно и знам дека ќе биде се подобро и подобро. Нормално дека секој резултат е важен, иако станува збор за пријателски натпревар, но најважно е да се воиграме, да дојдеме до оној посакуван пристап кон играта и оној посакуван ритам. Важно е добро да ја истемпираме формата и да дојдеме до максимумот токму за моментот кога најмногу треба, во Венецуела“, дополни селекторот Лазовски.
Репрезентацијата на Македонија, во Литванија во Клаипеда, денес со почеток во 16 часот ќе одигра пријателски меч со селекцијата на домаќинот.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com