Ракометниот клуб Вардар ја освои втората титула во Лигата на Шампиони победувајќи во Келн на завршниот турнир во Лигата на Шампиони. Свој коментар за победата и освојувањето на титулата имаше Кирил Лазаров. Нашиот најдобар ракометар имаше осврт на завршниот турнир и каква порака испрати Вардар до ракометна и спортска Европа.

  • Ова е бајка. Приказна за која ќе се зборува со години. Вардар стана симбол дека е можно и она што сите велат дека е невозможно. Вардар стана инспирација за сите луѓе во светот, не само за спортисти, да сфатат дека најважното нешто во животот е да се верува, крваво да се работи да се даде последната капка крв и пот да ги исполните своите соништа. Овие момци седум-осум месеци не добиле плата. Лесно е за нас сега да паметуваме, но единствената вистина може да ја кажат оние кои на своја кожа почувствувале како е да се живее и да се работи во такви услови. Пред две години, кога беа шампиони на Европа, Вардар имаше страшен тим, беа финансиски силни и не беше изненадување тоа што се искачија на покривот на Европа. Ова што сега се случи е сосема поинакво. Минатата или во текот на оваа сезона си заминаа неколку главни играчи како Циндриќ, Штербик, Борозан и Алекс Душебаев. Никој не им даваше ниту грам шанса дека ќе се изборат за Ф4, а камоли да станат прваци на Европа. – стои во коментарот на Лазаров.

Лазаров во продолжението од своето излегување истакнува дека играчите на Вардар испратиле јасна порака до сите спортсти дека нема простор за алиби и откажување.

  • Само тие веруваа дека можат и направија нешто што е многу поважно од самиот резултат. Испратија силна порака на сите млади спортисти дека нема изговори, дека нема алиби. Нема повеќе оправдувања дека управата не чини, дека нема пари, дека соиграчите се вакви или онакви, дека противниците имаат многу поголем буџет и поквалитетна екипа. Вардар докажа дека се е можно и нивната приказна мора да стане патоказ на сите млади луѓе дека треба да се верува во чуда. Неверојатно ми е како во тие години на беспарица, секојдневни написи во медиумите дека клубот се распаѓа, не се скараа, не се наруши хемијата кај момците. Се случи сосема спротивното, имам чувство дека тоа што се случуваше во Вардар само дополнително ја зближи екипата и дека проработе инаетот. Во животот сум освоил многу нешта, но ретко сум бил толку среќен. Македонец сум и горд сум што една ваква спортска бајка раскажа еден македонски тим. Вардар во Македонија е институција, многу повеќе од клуб. Вардар во Македонија е тоа што се Хајдук и Динамо во Хрватска. Симбол. Затоа се надевам дека овој трофеј и ова чудо кое го направија ќе поместат некои работи и верувам дека Вардар ќе остане голем и моќен. – потенцира десниот бек.

Комплетниот коментар на Лазаров за хрватски Индекс можете да го прочитате тука.

OhridNews