На еден меч пред завршувањето на ЛШ, Лазаров, кој игра за Загреб, е прв стрелец со 96 гола, пред Кристијан Ал од Кил со 86 и Никола Карабатиќ од Кил со 83 гола.
По првиот финален меч меѓу Сиудад Реал и Кил, во кој Германците како гости победија со 29-27, Никола Карабатиќ со 9 постигнати гола го водеше актуелниот европски првак до победата.
Во изјава за дневниот весник “Дневник“ Лазаров вели – Сега кога е ваква ситуацијата штета би било да не бидам прв стрелец. Лично за мене би било уште едно големо признание, со оглед на тоа дека конкуренцијата, која ме следи, има и четири меча повеќе. Процентуално гледано јас сум најдобар, а и морален победник сум. Работев напорно и тренирав цела сезона. Се надевам дека ќе ми се врати вложениот труд .
Како член на Фотекс во сезоната 2003/04 Лазаров за прв пат се најде на листата на најдобрите 50 стрелци, постигнувајќи 39 гола.
Во сезоната 2004/2005 тој беше четврти со 76 гола (играше во 1/4 финале).
Кире најдобар беше во сезоната 2005/2006, кога првпат играше полуфинале, со Веспрем. Со 85 гола беше прв стрелец во ЛШ.
Минатата сезона испадна во четврт-финалето и заврши како трет со 82 гола.