Како една од најважните алки во реализација на проектот – ракометен камп и фундаментален дел од едукацијата и надградбата на секој учесник на кампот е тренерскиот кадар кој во координација со мене треба да ја реализира програмата предвидена за овогодишниот камп.
Размислувајќи околу изборот на моите соработници кои покрај врвни ракометни стручњаци, треба да бидат врвни педагози и личности на кои треба да ги довериме „нашите“ деца кои ќе учествуваат на кампот.
Иван Марковски, Зоран Пектовски, Данило Брествац, Ице Соколески и Левтер Бошковски со своите помошници се спој на младост и искуство, богата играчка и тренерска кариера во која работеле и работат во најдобрите македонски клубови и национални селекции.
Ракометниот камп „Кирил Лазаров 7“ е национален проект и токму затоа при изборот на стручниот кадар внимаваме да се опфатени школи од повеќе ракометни центри во Македонија. Секој од нив заедно со своите помошници ќе биде одговрен за одредена група во која ќе партиципираат момчиња и девојки поделени според пол, возраст и ракометно знаење.
Моето ракометно и животно искуство во комбинација со стручноста и искуството на мојот стручен тим се гаранција за успех. А нашиот успех ќе биде создавање и развивање на љубовта спрема ракометот и спортот воопшто, развивање и вреднување на фер-плејот како и социјализација на личноста и подредување на личните интереси во интересите на колективот.
Ohridnews