Шпанскиот првак Сиудад реал, во чијшто состав настапува македонскиот капитен Кире Лазаров, има три гола предност во пресрет на саботниот реванш со Шамбери во домашната арена „Кихот“, во рамките на осминафиналето во Лигата на шампионите. На гостувањето во Франција, Сиудад реал триумфираше над Шамбери со 27-24 и е блиску до пласман во четвртфиналето на ЛШ.
На Лазаров ова му беше прв натпревар од Лигата на шампионите по едномесечната пауза поради повредата на десната потколеница. На повратничкиот меч во ЛШ, најдобриот македонски ракометар постигна еден гол. Нападот беше послабата страна на Сиудад реал на овој натпревар, но затоа одбраната беше на препознатливото високо ниво, особено голманот Арпад Штербик, кој запиша 18 одбрани.
Резултати: Шамбери – Сиудад реал 24-27, Барселона – Веспрем 28-21, Загреб КО – Некар Ловен 28-31, Босна – Чеховски медведи 22-31, Шафхаузен – Монпелје 31-26, Колдинг – Кил 29-36, ПИК Сегед – Флензбург 26-27, Хамбург – Валјадолид 28-22.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com