Селекторот Савевски и предводникот Лазаров издвоија неколку причини за неуспехот на македонската машка ракометна репрезентација на квалификациите за СП 2011.

– Нашиот настап е неуспех, мора да признаеме. Одговорна е целата репрезентација, а секако јас како селектор сум најодговорен за неуспехот. Мислам дека во мечот со Литванија што можевме да го добиеме, немавме среќа. Прво, погодивме три-четири стативи. Мислам дека во решавачките моменти минавме од колективна на индивидуална игра. Денеска нема слаби противници. Покрај тоа и Турција се посрамоти, играјќи со вториот тим против Литванците – смета Савевски, кој истакнува дека Ракометната федерација на Македонија направила се’ за репрезентацијата да има добри подготовки.

Кирил Лазаров смета дека и незалагањето на Турција на последниот меч од турнирот кога домаќинот „им дозволи“ на Литванците да му ја наполнат мрежата, придонесе за нашиот неуспех.

– Можевме да победиме, имавме се’ во наши раце и од наша страна коректно изработивме. Но, Литванија е квалитетна, јас тоа го истакнував. Јас сум страшно револтиран од Турција. Не може да дозволи Турција од Литванија да изгуби со толкава разлика.Многу сум разочаран. Играа со втор тим. Можеби малку и преоптимистички отидовме. Ние сакавме да ја прегазиме Литванија, но не бевме подготвени ментално за тој вид надигрување – вели Лазаров. Според него чудно е што ние како најдоброрангирана репрезентација не бевме домаќини на турнирот.

– Како може како најдобро рангирани да не бидеме домаќини? Како можеше да се дозволи како најдоброрангирани да имаме најлош распоред (игравме ден за ден, со Литванија, а потоа со Турција н.з.). Секогаш други одлучувале за нас. Дали како најдоброрангирана репрезентација не можевме да издејствуваме подобар распоред? Тоа се прашања кои треба некој од раководството на РФМ да ги одговори – вели Лазаров, според кого сега вниманието треба да се насочи кон квалификациите за ЕП 2012.

Извор : “Дневник“