Најтешкиот дел од целата сезона „ PRETEMPORADA„ или по нашински базичниот дел од подготовките со цел што поспремно да се дочека новата сезона, поминува и поминува многу полесно од очекувањата.


Единствена причина не се слабите тренинзи, туку Олимписките игри во Лондон и пред се ракометниот турнир, кој го следевме на малите екрани и на интернет. Немавме ниту план, ниту сонувавме, ниту подсвесно посакувавме да бидеме учесници како ракометна репрезентација на Македонија, затоа што бевме реални во очекувањата. Сето тоа со оглед на тоа што знаеме како фунционираат некои работи кај нас веќе подолго време. И одеднаш „несакајќи„ бевме на прагот да бидеме на најголемата светска смотра. Не успеавме но, не останавме до крај реални. Некои пак навистина не се реални, некои не сакаат да бидат реални и сакаат да поништат се што сме направиле во последните две години (Пласман на Европско првенство, 5 место на тоа првенство, пласман во олимписките квалификации, пласман на Светското првенство) и некои сакаат да ги прикријат своите слаби точки (тоа успешно го прават) и едваj чекаат момент за напад.

 „Преплашени„ од она што не очекуваше и од рејтингот што го имавме пред Европското првенство (16 рејтинг од 16 селекции) и од јачината на противниците, си поставивме реални цели. Потпомогнати од нашата ФАЛАНГА го минавме првиот круг за да добиеме полесен противник во баражот за Светското првенство и да фатиме континуитет. Ги исполнивме целите и дури и многу повеќе од тоа – завршивме на 5 место и прв пат обезбедивме олимписки квалификации. Но, сепак жалевме што не играме полуфинале. Пак излеговме од реалноста и почнавме на наш македонски начин да си создаваме сопки и правиме проблеми. Добро е што останавме со ладни глави и не изреагиравме, можеше се да се растури во 5 минути и во наредните 10 години да чекаме настап на некое големо натпреварување и тоа да го славиме како да сме освоиле медал (така славевме 2008 година по пласманот на Светско првенство по цели 10 години). Фала богу, Македонија ќе биде дел од најголемата светска манифестација – Светското првенство во Шпанија 2013 година.

Инспирација за овој текст добив токму од следењето на ракометниот турнир во Лондон, уживајќи во натпреварите, па решив да се посветам на турнирот, а подоцна да се вратам на нашата селекција и нејзиното фунционирање. 11 врвно спремни ракометни селекции (со исклучок на домаќинот кој е недораснат протвиник во оваа конкуренција) се појавија на мегдан за медалите. Повеќе од спремни и амбициозни го дочекаат турнирот, секој од нив со цел да влезе во четврфиналето и борба за полуфинале во само еден меч. Мечтееа, веруваа, максимално тренираа, но како и секогаш квалитетот излегува на површина и најдобрите влегуваат во полуфинале. По мој вкус 95% влез на фаворитите во полуфиналето! Ке се задрзам исклучиво на четирите полуфиналисти и ќе дадам лично моја анализа за секоја селекција. Случајно или не, две од тие четири селекции беа нашите противници во олимписките квалификации во Гетеборг.

Едно мало, но сепак големо потсетување – СЕ ПРОГЛАСИВМЕ ЗА ФАВОРИТИ во Гетеборг. Па ние сме светски шампиони за создавање еуфорија, но и за создавање трагедии. Нашето прогласување брзо стигна до унгарските медиуми и нивниот „Невзети спорт„ како и до шведските весници. На наш начин успеавме да ги домотивираме и така мотивираните противници – полуфиналистите на Олимписките игри во Лондон.

 


 

ШВЕДСКА: По мене очекуван полуфиналист пред Олимпискиот турнир. Зошто? Голема традиција, многу освоени медали на ЕП, СП, ОИ .. стручен штаб составен од нивните ракометни легенди, кои го покорија светот во нивно време – ЛОВГРЕН, ОЛСОН, ЛИНДГРЕН. Во 2008 година започна нивниот олимписки прокт. Подмладија, имаа успеси и неуспеси, но сепак проектот беше Лондон 2012 и неслучајно успеаа. По мој вкус многу поцврста селекција во споредба со Данска, со многу повеќе поливалентни играчи, специјалисти како во одбрана така и во напад. Играат сличен скандинавски стил на игра, но со многу похрабри и поодлучни играчи. Данците играат повеќе на „шмек„ и со тој „шмек„ знаат да те освојат. Ракометот е спорт број 1 во Данска (и женски и машки) имаат подобра лига, подобар маркетинг, публика која го знае ракометот до детал. Го сакаат ракометот и со оглед на тоа што комшии им се германците во можност се да запалат автомобил и за неколку часа да бидат присутни во најголемите ракометни центри: Кил, Хамбург, Флензбург. Но сепак доколку преброиме, швеѓаните имаат многу поквалитетна историја. И затоа, ние сред Гетеборг фаворити! Иако 58 минути рамноправно се носевме (шпанците би рекле CON DOS COJONES).

 


 

УНГАРИЈА: Пет години минати во Унгарија се доволни да ги запознаеш системот кој го работат. Многу се горди како народ на своите спортисти како во инвидуалните спортови, така и во колетивните. Тие се постојани учесници на олимпијадите. Во Атина дури и полуфиналисти. Секогаш новите проекти започнуваат со олимпискиот циклус. Имаат своја база на подготовки, каде се припремаат сите олимпијци. Во трансферот на Наџи од Барса во Веспрем, олимпискиот комитет на Унгарија учествуваше со голем процент на средства, само да го привлечат несудениот шпанец во својата земја. Базата им е Веспрем. Сега на светското првенство во Шпанија ќе бидат уште поопасни и поуиграни. Тактички преку целата сезона ќе се подготвуваат, бидејќи голем дел од репрезентативците доаѓаат од Веспрем. Загубивме многу тесно, дури во последната минута. Во поголемиот дел од мечот водевме. Ќе се најде некој паметен и ќе рече: Да, водевме ама без Наџи! Точно е, беа без Наџи, ама со Перез и Кривокапиќ, кои ни ја запечатија судбината и беа нивни најдобри играчи во Гетеборг. Да не им беше легендарниот Чарли (Перез) ќе си гледаа олимписка програма на ТВ, можеби ќе напишеа и некоја олимписка колумна, гледајќи врвен ракомет. За нивната голема моќ веќе со години во главните структури на ЕХФ (Шандор Андорка) , не сакам ни да зборувам. Но сепак ние бевме фаворити. Без план, без програма, без база, без услови….

 


 

ФРАНЦИЈА: Очекуван епилог. Најдобри кога е најпотребно. По дебаклот во Србија, не дека се стари, туку од заситеноста од освојување злата и дуплирање круни, Франција очекувано се врати на старите патеки. Нивниот пораз од Исланд во првата фаза, апсолутно не ме донесе во недоумица да почнам да се сомневам. Напротив, можеби Исланд е единствената селекција која можеше да ја добие Франција на оваа олимпијада. Не толку ракометно, колку тркачки, па французите примија 31 гол на тој натпревар, што ретко им се случува. Но не беа подготвени за наттрчување со растрчаните „рибари„ за да во финалето пред финалето со Хрватска примат само 20 гола до 59 минута, па и во самото финале 19 гола за 59 минути. Фукционираат како колектив, сите имаат свои улоги, долго време се заедно. Оваа генерација ќе остане запишана како најуспешна во историјата на ракометот. Тешко дека некој ќе ги надмине, со се што освоија во претходниот олимписки циклус. Дали величините како Динар, браќата Жил, Фернандез, Омејер ќе се одлучат да се простат со олимписко злато? Останува да видиме. Дефинитвно најуспешна селекција со години. ЧЕСТИТКИ !!!

 


 

ХРВАТСКА: Застрашувачки, атомски ракомет, поставена одбрана, за прв пат брза транзиција, организирана полуконтра и брз центар. Навистина за пофалба. Можеби прерано играа добро за да бидат олимписки шампиони. Но сами истакнаа: Задоволни сме со бронзата, но дојдовме по злато! Честитки за искреноста и за „газењето„ на Унгарија во мечот за 3 место. Тоа го можат само големи селекции. Единствена работа што би му забележил на мојот бивш клубски другар Славко Голужа е таа самодоверба, припрема, одлучност, спремност, верба дека ќе одат до злато. Тогаш требаше да им биде јасно дека треба да поминат покрај „Усаин Болт„. Покрај најдобрите, французите. Се победија сами, не ги победи никој! Еден најбитен натпревар не можеш да го подготвиш за 24 часа и да ја изненадиш физички доминантната Франција. Тоа требаше да го направат во припремниот период, бидејќи знаеа дека ќе се сретнат со нив. Нели тргнаа по злато? Тоа го немаа подготвено. Еве неколку примери: Бичаниќ, Хорват, Балиќ, Лосерт, Бунтиќ поминаа на тој натпревар многу време на терен, а дотогаш имаа споредни улоги. Со најдобрите, секогаш се спротиставуваш со најдобрите, па макар и тие немале свој ден. Нивното најсилно оружје 5-1 зоната, брзо ја заменија сло 6-0, брзо и со испомешани позиции, кој каде ќе стигне. Плус и изненадување кое требаше да биде подготвено, зборувавме за тоа погоре. Сепак, без разлика на се – БРАВО ЗА ХРВАТСКА ЗА ПРИКАЖАНОТО.

Да се навратам на нашето. Не барам алиби, сакам малку да се потсетиме на тоа како ние фунционираме. Жално, но вистинито! Ќе се обидам да бидам краток. ОЛИМПИСКИ ЦИКЛУС – ШТО Е ТОА?
2004-2008 претплатени за порази во бараж натпревари. Не можеме да дојдеме до ЕП или СП камо ли до олимпијада (О, МАДРЕ МИА). Селектори се менуваат како на филмска лента. И тоа големи тренери: Тута, Џукиќ, Вуја…дебакл до дебакл. Нормално виновна генерацијата на Кире, Борко, Наумче, Бранче, Темелков, Ванчо, Жути (Алуш не го спомнувам ги фати сите генерации дури и на Абдула и Цане Крстевски). Неталентирани, нехрабри, „загубени во свемирот„ И така „изгубени„ со овие етикети се „доизгубивме„ кога почна и сопствената федерација и некои од челните луѓе така да размислуваат. Скапите странски инвестиции си заминаа со зборовите „ПА ВИ НЕМАТЕ ПОЈМА„. Тешко нас и на нашата свест! Реков ќе бидам краток, доста е за сега…

 


2008-2012 ОЛИМПИСКИ ЦИКЛУС, ПРОГРАМА ШТО Е ТОА? Започна циклус квалификации за Светско првенство 2009 година. Во група сме со Португалија и Бугарија. Едвај се собравме….Селектор Илија Темелковски. Залутан од некаде, ни крив ни должен, беше помошник на Вуја на последниот дебакл со Словенија, па си остана човекот селектор. Немаше кој! А и многу се откажаа од овие репрезентативци, после се. Се собравме, половина репрезентативци откажаа, оти стварно немаше услови за работа, а камо ли за успех. Раководните велеа, ако не се пласираме сега ТЕШКО НАС…Се случи, што се случи, се собравме пред Португалија на 15 јанури, а меч требаше да играм е на 17, а португалците работеа уште од 24 делември (со Бугарија некомплетни победивме 2 разлика). Нормално комплетни сме и ејјјј, еуфорија, јуриш и победивме фала богу, не знам ни јас како, стварно не знам како? Дојде баражот со Исланд. Малку посериозни подготовки, не држи јуришот и дури и поминуваме и се пласираме по 10 години на Светско првенство и тоа против следниот олимписки вицешампион од Пекинг – Исланд (MADRE MIA) – Сите тие неталентирани играчи, загубени во свемирот… И го добија во двомеч олимпискиот шампион и ИКО МАЈСТОРЕ, ИКО МАЈСТОРЕ….

       

Дојде Светското првенство. Завршивме како втори во првиот круг во страшно тешка група, со победи против Полска, Русија, Алжир. Нашиот селектор прогласен за селектор на првиот круг, но добро тоа не е ни важно. Што сакав да кажам. Не успеавме да се израдуваме на ова ни малку, проработеа злите јазици и одеднаш Ико стана најголем виновник! Требало да се победи уште некој натпревар на Мундијалот? (O MADRE MIA). Со дебаклите во претходните 10 години ги означивме ракометарите, а сега виновен ни е селекторот. Навистина, не се почитуваме како македонци, навистина! Нормално после ова не фативме континуитет заради нашите будалаштини. Го сменија Ико со Љупчо Савевски.

 

Љупчо Савевски: Тргна амбициозно. Голем ентузијаст, секоја чест, но роден е во погрешна држава. Доколку малку не се смени, тешко ќе функционира во Македонија. Барем за мене, успешни предквалификации во Турција, затоа што гледам реално. Несреќна елиминација и голема измама од турската репрезентација на натпреварот со Литванија. Турците требаше да загубат со 10 разлика, а тргнаа со амбиции да го освојат турнирот. Загубија 20 разлика. КАТАСТРОФА. БЛАГОДАРИМЕ БРАЌА ТУРЦИ…Но, ние нема да се предадеме. Раководните луѓе не вложија ниту протест за овој наместен натпревар. Толку ни значеше тогаш Македонија и нашиот спорт, ама важно медали за заслуги добивме од нашиот почитуван претседател Ѓорѓи Иванов. И тоа список од 30 луѓе направивме за медаљонче. На нашиот почитуван тренер Савевски му замерувам само едно. Што покрај селекцијата се навлече да го превземе и Вардар. Тука „отиде„ работата. Ситниците, живот значат…

 


Звонко Шундовски – актуелен селектор на Македонија (Пласман на ЕП, 5 место таму, обезбедени олимписки квалификации, пласман на СП). Сето тоа во неполни две години. Да беше некој друг, а не македонец, сигурен сум досега ќе влезеше во проектот СКОПЈЕ 2014 и споменикот ќе беше изграден. Што да правиме кога не знаеме да си создаваме имиџ и да се продаваме. Тоа ти е, МАКЕДОНЧЕ….

Уште една работа на која сакам да дадам значење. Сето ова направено во последните две години, плус успехот на Темелковски – MADE IN MACEDONIA. Затоа што оваа генерација и претходната и тие генерации од Италија 1998 и Египет 1999 не се исти. Таму имаше натурализирани македонци: Новокмет, Ходик, Мандиќ, Турченко, Николиќ, Богдановиќ…. Како што не е споредливо е со нашата ватерполо репрезентација со 99% натурализирани ватерполисти и два затворени базени во цела држава. Како што е неспоредливо со успесите на нашата женска репрезентација во минатото: Кисељева, Абрамова, Платон, Кресоја… НЕМА СПОРЕДБА.

Август 2012, не очекува светско првенство во Шпанија во јануари 2013.

ГОСПОДА ОД РФМ, МОК, АМС. САКАМЕ ОЛИМПИСКИ ПЛАН. ЦИКЛУС ПОДГОТВЕН ЗА РИО, ВЕДНАШ ПОСЛЕ ШПАНИЈА. НИЕ МОЖЕМЕ ВО РИО, НА ВАС Е РЕДОТ.

Се извинувам, ако некој се пронајде во текстот, но вистината е една. Токму оваа….
 
СПОРТСКИ ПОЗДРАВ И ПОЧИТУВАЊЕ
 
КИРИЛ ЛАЗАРОВ
КАПИТЕН НА МАШКАТА РАКОМЕТНА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА