Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, во јуни минатата година го одржа првиот ракометен камп „Кирил Лазаров 7“ во Охрид, а годинава кампот прераснува во интернационален, се воведуваат две смени и ќе биде направен организациски исчекор.


Минатата година планирано беше да учествуваат 120, но поради големиот интерес на кампот учествуваа 150 момчиња и девојчиња (на возраст од 10 до 18 години) од Македонија и од странство.

– Задоволството на сите учесници од организацијата на минатогодишното издание се наметнува како обврска за сите нас што сме вклучени во овој проект годинава да го кренеме нивото на организација за едно скалило погоре. Тука пред сѐ мислам на условите за тренинг и за развој, на тренерите и на гостите, од кои навистина ќе има што да се слушне и види, како и во делот на дружење и забава на учесниците. Подготовките се во полн ек, а од 1 февруари почна и пријавувањето. Во иднина кампот ќе го има префиксот интернационален, поради интересот за учество од земји од соседството и од цела Европа – рече Лазаров, за Нова Македонија. 


Кампот, кој е во организација на агенцијата „КМГ спорт“, е еден вид база за селекција на млади играчи, на кои им е потребна надградба во секоја смисла (спорт, едукација за здрава исхрана, спортски бон-тон итн.). Во период од седум дена секое лето најдобриот светски десен бек Лазаров, сегашни и поранешни репрезентативци, големи имиња од светот на ракометот и наједуцирани македонски и европски тренери ќе имаат свое место во мозаикот на ракометниот камп.

Според најавата, годинава на кампот е предвидено да учествуваат 250-300 млади ракометари, во смени од 17 до 23 јуни и од 24 до 30 јуни (во хотелот „Аквалина“ во Охрид). 

OhridNews