Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, застана во одбрана на своите избраници и покрај двата пораза на стартот на Европското првенство. Лазаров верува во младите и очекува нивниот квалитет допрва да дојде до израз.
Уште од моето доаѓање на селекторската функција знам која ни е целта. Поразот од Црна Гора боли, но сакам да истакнам дека она за што се подготвувавме не ни успеа поради многу фактори. Не барам алиби, но ова не е иста репрезентација без Дејан Манасков, Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов, Николче Митревски кој дополнително ни се приклучи, без Марковски, Ојлески, невакцинираните итн. Планот беше да дојдеме комплетни, но се случи тоа што се случи и изгубивме два натпревара. Првиот гордо, со многу борба, жар и мислевме дека ќе биде лесно со Црна Гора. Прифаќам критика, истакна денес Лазаров.
Сепак, македонскиот селектор верува во неговите избраници дека можат во иднина да направат успешни резултати.
Анализирајќи го натпреварот, увидов дека сме на добар пат. Почнуваме од нула. Оптимист сум. Верувам во нив, можеби повеќе од нив самите. Им фали победнички менталитет. Играме брз, модерен ракомет. Вчера на наши грешки изгубивме. Имам комплетно јасна слика за сите. Не само играчки, туку и карактерно за секој од нив. Јас не се предавам. Цврсто стојам дека имаме напредок, само тоа треба да го преточиме на теренот во добри резултати, победи, пласман на СП 2023, рече Лазаров.
Македонскиот селектор најави голема борба на последниот меч од Европското првенство, утре против големиот фаворит Данска.
Со Данска ќе играме како да се бориме за пласман. Таков пристап ќе имаме. Тој натпревар ќе ни служи многу. Треба да го искористат моментот, шансата младите да играат на ЕП.
Македонските ракометари по двата пораза (Словенија и Црна Гора) во првите две кола, останаа без шанса да ја поминат групата во Дебрецин.
OhridNews