Предводникот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров, е задоволен од текот на подготовките во пресрет на Светското Првенство што за една седмица ќе стартува во Шпанија. „Црвено-жолтите“ утре патуваат во Србија, каде што во Ниш во следните два дена ќе ги одмерат силите со Египет и со домашната селекција, што воедно ќе бидат и последни проверки на формата пред мундијалот.

 

„Ни преостануваат уште овие последни седум осум дена за да ја довршиме глазурата. Имаме пред нас уште две контролни средби, а потоа уште неколку дена за да ги отстраниме грешките во играта. Се надевам дека подготвени ќе го дочекаме Светското првенство и најважно од се е да бидеме здрави, бидејќи само комплетни можеме да очекуваме да се претставиме во добро светло“ – изјавува Лазаров.

Македонскиот капитен порачува дека не треба да се летне во облаци уште пред почетокот на шампионатот, туку дека фокусот мора да биде само кон секој следен натпревар, без да се гледа премногу далеку кон иднината.

„Треба да размислуваме чекор по чекор, најпрвин да се насочиме кон Чиле, па потоа и на сите следни натпревари. Би сакал да бидеме максимално фокусирани за премиерниот меч, па со добри резултати да ја креваме нашата самодоверба на се повисоко и повисоко ниво. Се подготвувавме добро, овојпат во текот на подготовките имавме и кондициски тренер и делуваме се подобро организирани како репрезентација, се надевам дека во ист стил ќе продолжиме и во иднина“ – порачува „Кире национале“

Факт е дека поради оддалеченоста на Шпанија, македонската „фаланга“ нема да може во огромен број да отпатува за Севилја, но Лазаров е убеден дека тој и неговите соиграчи ќе имаат поддршка од трибините

„Свесни сме дека ќе немаме поддршка како во Србија и во Хрватска, но сигурен сум дека ќе има доста Македонци во Шпанија. Без разлика колкав ќе биде нивниот број, јасно е дека поддршката од верните навивачи ќе биде драгоцена за нас. Ние ќе сториме се за со добри игри да ги охрабриме да тргнат на долг пат до Шпанија за уште еднаш да навиваат за својата земја
“ – оптимист е Кире Лазаров и по ова прашање.

На последното големо натпреварување, ЕП 2013 во Србија, селекцијата на Македонија го освои петттото место, што придонесува повторно да бидат големи очекувањата од „црвено-жолтите“ и пред овој светски шампионат.
 
„Секако дека го чувствуваме притисокот, но сметам дека сме доволно искусни, оваа генерација е на својот врв. Треба секој поединец, како од играчите така и од стручниот штаб да ја преземе одговорноста во својот дел од работата. Некогаш знаеме вината за слабите резултати и грешките да ја побараме и на друго место, но реалноста е дека се зависи од нас и од она што ние ќе го сработиме“ – дециден е најдобриот македонски ракометар, Кире Лазаров.

Извор – “Екипа.мк“