Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров по завршувањето на најуспешната сезона во својата кариера немаше време за прославување и одмор и веднаш со својот тим го насочи вниманието кон првиот ракометен камп, кој ќе се одржи во Охрид од 22 до 28 јуни.
– Сезоната е долга и тешка, а одморот е прекраток. Јас за ракометениот камп дадов збор и еве го одржав и со мојот тим ќе го организираме на највисоко ниво. – рече Лазаров и надополни. – Интересот за првиот наш камп е многу голем што уште на почетокот ни дава одговорност и мотив повеќе. Охрид како главен туристички центар во нашата земја заслужува ваков ракометен камп и не случајно го одбравме за домаќин. Услови ќе имаме идеални, се оди според планот и не очекува возбудлива недела.
На првиот ракометен камп организиран од „македонската седумка“ учесници ќе има од целата земја, а гости учесници ќе бидат и дечиња надвор од нашите граници.
– Многу ме радува што учесници ќе имаме од целата земја. Јас со моето знаење и искуството стекнато со играњето ракомет низ цела Европа и со искуството на тимот, кој го избрав по мој вкус ќе се потрудиме да направиме добра база од каде во иднина ќе црпи таленти македонскиот ракомет. – додаде Лазаров.
Кампот на најдобриот македонски ракометар во историјата започнува во понеделник, ќе трае една недела, а тренинзите ќе се одвиваат на терените пред хотелот „Аквалина“.
Фото : Емилио
Мх.П.