Машката ракометна репрезентација на Македонија синоќа во салата “Билјанини извори“ го одржа првиот тренинг, пред одигрувањето на квалификацискиот натпревар со Србија, закажан за утре во 18 ч.

Селекторот Темелковски е умерен оптимист. Србија ја дочекуваме во една поопуштена атмосфера со обезбеден бараж и се надевам дека пред полни трибини во Охрид ќе извојуваме победа која ќе ни донесе полесен противник во дополнителното разигрување за пласман на Европското првенство, вели Темелковски.  “Во натпреварот со Србија влегуваме смирено, ги гледавме касетите од настапите на нашиот противник, имаме визија своја игра, знаеме што сакаме и во одбрана и во напад и ќе пробаме сето тоа да го искористиме и се разбира со победа да го освоиме првото место во оваа група“, рече Темелковски.


Темелковски

Нашиот најдобар играч, Кире Лазаров е пријатно изненаден од условите во салата “Билјанини извори“. “За разлика од минатата година кога на натпреварот со Естонија се смрзнувавме годинава условите се одлични“, ни рече Лазаров. Тој не смета дека во натпреварот со Србија влегуваме релаксирано. “ Доколку го освоиме првото место влегуваме во попривилигирана група и добиваме полесен противник во баражот, доколку сме втори би налетале на репрезентација што ќе учествува на претстојното Светско првенство во Германија“, вели Лазаров. Имаме шанси да ја совладаме Србија, вели Лазаров. И тие имаа одредени проблеми со играчи кои не сакаа да настапат, но Србија е многу поголема држава од нас, располага со поголем потенцијал на играчи кои играат во силни странски клубови, така што во ниеден случај не смееме да ги потцениме и треба максимално да се мотивираме и да не ги повториме грешките од натпреварот со Израел во Скопје, рече Лазаров.


Лазаров

Лазаров смета дека оваа репрезентација има потенцијал да се пласира на едно големо натпреварување и достојно да ја презентира Македонија, но за тоа според него потребно е да се обезбедат многу подобри услови за репрезентацијата, а не играчите да се собираат само пред натпревари а селекторите да се избираат во пет до дванаесет .

Натпреварот Македонија – Србија е закажан за утре во 18ч. Билетите за средбата што ќе се игра во салата “Билјанини извори“ по цена од 100 денари веќе се пуштени во продажба и можат да се набават во ТА “Вис Пој“ и во спортските обложувалници во градот.

Горан Момироски
Спаско Костоски