Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кире Лазаров се раздели од Атлетико Мадрид и ќе мине во друг клуб. Намалувањето на буџетот е една од главните причини за нивната разделба.
„Можам да потврдам дека по завршувањето на оваа сезона нема повеќе да настапувам за Атлетико Мадрид. Имав три успешни сезони и многу радости во црвено-белиот дрес. Наскоро ќе ја знам мојата иднина и ќе го соопштам името на мојот нов клуб„ ги потврди шпекулациите на својата веб страна Лазаров.
Лазаров во три сезони освои седум трофеи со Атлетико на Талант Душебаев и играше уште две финалиња на Лигата на шампионите. Најчесто го подигаше трофејот од Купот на Кралот, дури три пати, по еднаш го освои и АСОБАЛ Купот, АСОБАЛ Супер-купот и ова лето ИХФ Суперглоуб во Доха.
Во сите три сезони тој беше најдобар клубски стрелец.