Триесет годишен јубилеј одбележа таеквондо ИТФ во Македонија, а годинава повеќе од успешна и за охридскиот клуб „Хва ранг ИТФ“ од Лескоец.
Првиот човек на клубот и Македонската Таеквондо федерација, Марјанчо Лазаревски вели го славиме и историскиот успех кој го постигнаа натпреварувачите на последното Европско првенство.
Отидовме со пет натпреварувачи, а се вративме со тројца европски видешампиони, Елена Јанеска, Давид Крстески и Христијана Парулеска. Оваа година може да се пофалам дека е најдобра во историјата на нашиот спорт. Учествувавме на осум меѓународни натпревари, освоени се 47 златни, 46 сребрени, 70 бронзени медали и 9 пехари, од кои 6 за најдобри поединци и 3 за најдобар клуб, од кои едниот е освоен за најдобар клуб прво место на Гран при во Зворник, БиХ, истакна Лазаревски.
30-те години таеквондо во Македонија се запишани на околу 300 страници во книгата „Патот до црниот појас“, на која автор е токму Лазаревски, носител на црн појас петти дан и поранешен светски вицешампион Прага 1996. Книгата е првиот пишан документ од ваков тип на литература во Македонија.
Почнавме како ентузијасти, во 1996 имавме можност да учестуваме на првото Светско првенство во Прага и ги донесовме првите титули во самостојна Македонија, а јас бев светски вицешампион и оттогаш почнавме со поголема желба да постигнеме повеќе успеси. Досега имаме учествувано на повеќе Европски и Светски натпреварувања 15-16 вкупно, бројка со која ретко кој може да се пофали. Во овие три децении имаме три медали од Светско (златен, сребрен и бронзен) и 6 од Европско првенство (три сребрени и три бронза). Најголемите успеси ги постигнавме последниве девет години од кога зад нас стои генералниот спонзор „ПН Метал“, истакна Лазаревски.
Натпреварувачката сезона за годинава е завршена, рече Лазаревски додека после нова година следат подготовки за наредното Европско првенство и се надеваат да се вратат со злато.
Лазаревски потенцира дека за сите нивни успеси досега немале поддршка од државата, тука била само локалната самоуправа. Но, најави дека за брзо ќе бидат официјализирани и примени под капа на Агенцијата за млади и спорт.
На настанот „Хва Ранг ИТФ“ им оддаде признание на сите помагатели за развој на таеквондото, за медиумите, како и за градоначалникот на Општина Охрид, директорот на Агенцијата за млади и спорт, за генералниот спонзор и за европските вицешампиони.
Н.С.Ј.