Наставниците и стручните соработници отсега директно ќе се вработуваат на неопределено време доколку ги исполнат законски предвидените услови, односно, со новиот закон им се трансформира работниот однос на сите наставници и стручни соработници кои до моментот на негово стапување на сила се ангажирани на определено време, ако за тоа ги исполнуваат условите. Ова денеска на прес конференција го истакна пратеничката од Охрид од редовите на СДСМ, Жаклина Лазаревска.
На овој начин би се опфатиле над 4.700 просветни работници и тоа: 1.464 наставници и стручни соработници кои во моментов се ангажирани на определено работно време до 2 години и 3.326 наставници ангажирани на определено работно време над 2 години на кои не им е трансформиран работниот однос. – истакна Лазаревска.
Законското решение ќе обезбеди создавање на правна и економска сигурност на наставниците и стручните соработници преку засновање на работниот однос на неопределено време, подобрување на квалитетот на воспитно-образовниот процес преку воспоставување на континуитет во реализацијата на наставата, како и овозможување на професионален и кариерен развој на овие наставници и стручни соработници, додаде Лазаревска, упатувајќи критики кон пратениците од ВМРО ДПМНЕ дека се однесува деструктивно и работи на штета на граѓаните.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, членови на Комисијата за образование, наука и спорт денеска се противат наставниците и стручните соработници да добијат правна и економска сигурност, да се ослободат од стресот предизвикан од неизвесноста дали ќе им се продолжи работниот однос, тие се против тоа да се обезбеди континуитет во реализацијата на наставниот процес што е важно, како за самиот наставник, така и за учениците и нивните родители.
Ја уверуваме јавноста, ги уверуваме наставниците и стручните соработници дека и покрај деструкциите, измените на овие важни закони ќе бидат донесени и наскоро ќе започне и нивната реализација, додаде Лазаревска.
OhridNews