ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи директно на штета на граѓаните на Република Северна Македонија. Последен таков пример е одбивањето на пратеникот Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, како претседател на Комисијата за труд и социјална политика да закаже седница на која ќе се расправа за Предлог-законот за измена на Законот за исплата на платите, а со кој се овозможува и вработените во високото образование, односно вработените во државните универзитети да го добијат покачувањето до 10 проценти, исто како и нивните колеги од основното и средното образование. Ова на прес конференција во Собранието, вчера, го истакна Жаклина Лазаревска, пратеничка на СДСМ од Охрид.
ВМРО-ДПМНЕ и Влатко Ѓорчев на директен начин попречуваат илјадници професори и вработени во високото образование да добијат покачување на платите од 10 проценти, кое им следува од 1 јануари оваа година и за што веќе се обезбедени пари во Буџетот. Доколку Предлог – законот не биде изгласан до распуштањето на Собранието, поради блокадата од ВМРО-ДПМНЕ, вработените во високото образование со месеци нема да можат да го добијат покачувањето на платите што им следува. – рече Лазаревска.
Според пратеничката, со незакажување на Комисијата за труд и социјална политика Влатко Ѓорчев и ВМРО-ДПМНЕ ги блокираат и измените во законот за стечајци со што го блокираат решавањето на статусот на околу 50 стечајци од тиквешкиот регион.
Го повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да заборави на тесно партиските интереси и да престане да ги блокира проектите коишто се во интерес на граѓаните и проектите коишто обезбедуваат подобар животен стандард. – додаде Лазаревска.
OhridNews