Цела година пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го блокираа донесувањето на предлог Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта и со тоа директно го оневозможија покачувањето на нивните плати и трансформацијата на работниот однос на над 4.700 наставници и стручни работници, рече на денешната прес конференција пратеничката од СДСМ, Жаклина Лазаревска.

Откако цела година оневозможуваше сите наставници и стручни работници во основното и средното образование да добијат повисока плата и насилно и со празни процедурални забелешки ја кочеше собраниската процедура сега ВМРО-ДПМНЕ без трошка срам признава дека предложеното законско решение е добро и исто такво доставува во собраниска процедура, рече Лазаревска.

Ова е уште еден доказ, вели Лазаревска, за лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ, додаваќи дека оваа партија ниту мисли на граѓаните, ниту сака тие да имаат повисоки плати, ниту се грижи за нивниот животен стандард, а најмалку пак се грижи за квалитетно образование на децата.

СДСМ со конкретни политики и решенија го подобри стандардот на граѓаните, за 100 проценти ја покачи минималната плата, а работи и на покачување на платите во сите сектори. Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните и Законот за наставниците и стручните соработници во основните и во средните училишта, предложен од Владата, со кој се покачува платата на наставниците и на стручните соработници и со кој се трансформира нивниот работен однос ќе биде изгласан, потенцира Лазаревска. 

Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да престане со неодговорното постапување и да се откаже од блокадите на ова, но и на други законски решенија кои носат придобивки за граѓаните, додава Лазаревска.

OhridNews