На 24 Мај го одбележуваме извонредното епохално и просветителско значење на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј за Македонија, но и Европа и светот. Кога говориме за Кирил и Методиј треба да се потсетиме дека цивилизациските вредности подразбираат и почитување на секој народ, на неговиот јазик, на неговата определба, рече пратеничка на СДСМ Жаклина Лазаревска на денешната прес конференција.

Денес можеме сите ние да бидеме горди што денеска македонскиот јазик и идентитет, македонската посебност се потврдени и трајно заштитени. Владата предводена од СДСМ, пред две години, 5 мај го прогласи за Ден на македонскиот јазик, во чест на 5 мај 1945 година кога е усвоена азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо. Токму на 5 мај беше промовиран и дигитален толковен речник на македонски јазик со над 100.000 зборови, потенцира Лазаревска.

Јазичното богатство во толковниот речник на македонскиот јазик, додава, е уште едно сведоштво за различноста и посебноста на македонскиот јазик во словенскиот свет и за неговата автентичност во светската листа јазици.

Донесен е и нов Закон за употреба на македонскиот јазик, кој опфаќа негова заштита, унапредување и збогатување. Усвоени се мерки кои предвидуваат афирмирање на македонскиот јазик на странските универзитети, како и Фонд за поддршка за изработка на научни дела посветени на македонскиот јазик, за негово уште поголемо унапредување. За првпат токму Владата предводена од СДСМ воведе стипендии за студентите кои ќе се запишат на Катедрата за македонистика, истакнува Лазаревска.

Како одговорна партија продолжуваме со вистинска грижа за македонскиот јазик, додава Лазаревска упатувајќи честитка по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј.

OhridNews