Редно беше градоначалникот да каже дека парламентарното мнозинство ги изгласа амандманите од опозицијата, реагира пратеничка на СДСМ од Охрид Жаклина Лазаревска, по објавата на градоначалникот Кирил Пецаков за изгласаните амадмани со кои се обезбедуваат средства за реализација на двата капитални проекти, изградба на за спортската сала во ОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец и префрлање на ОУ „Кочо Рацин“ во нова училишна зграда на нова локација.

Власта предводена од СДСМ покажала и се’ уште покажува дека се грижи за сите граѓани. Изгласавме пренамена на 90 000 000 денари од централниот буџет од кои за спортска сала во ОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец (20 000 000 ден) и реконструкција и адаптација на нова училишна зграда на ОУ „Кочо Рацин“ во нова локација (70 000 000 ден.) Амандманите беа поднесени од опозициските пратеници, но, едногласно изгласани од сите пратеници на Комисијата за финансирање и буџет, а потоа и на пленарната седница, вели Лазаревска.

Истакнува дека влогот во образованието е најисплатлив влог за иднината на градот и државата.

Да не заборавиме дека со овие средства влогот на државата во охридските училишта за неполни 7 години се искачи на над 7 милиони евра, додава Лазаревска.

OhridNews