Една недела пред Велигден е празникот Цветници, а саботата пред Цветници се вика Лазарeва Сабота или Лазарица.

Таа година за Пасха мноштво народ доаѓал во Ерусалим за да го прослави празникот, а Исус по четврти пат доаѓал како учител. Тогаш разбрал дека неговиот пријател Лазар од Витанија е тешко болен и Исус веднаш се упатил таму, но стигнал четири дена по неговата смрт и погребот. Сестрите на Лазар, Марта и Марија го прекориле Исуса велејќи му дека ако дојдел на време, Лазар немало да умре. Марта му рекла: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде“. Легендата вели дека Бог сакал Лазар да умре за врз него да се манифестира силата Божја. Кога дошол до гробот Исус го повикал Лазара: „Лазаре, излези надвор“. И Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со крпа околу лицето. Сите што го виделе тоа се почудиле и поверувале дека Исус е Синот Божји.

Со Лазарeва Сабота се поврзани повеќе обичаи и песни познати како лазарски. Ги изведуваат девојки во групи одејќи по куќите и низ населените места и пресретнувајќи ги луѓето. Лазарките му пеат посебна песна на секој човек што зависело од неговата возраст и статус и за тоа добиваат дарови, најчесто пари. Во овие песни се велича личноста, се посакуваат напредок на семејството, здравје и среќен живот на поединецот. Особено со многу лирски чувства се исполнети песните за малите деца како што е и оваа песна од Зборникот на браќата Миладиновци:

Малечко убоо, о Лазаре!
На диван ми седеше,
со јаболко играше,
мајка ле му викаше:
„Малечкоо убоо!
Доста седе на диван,
доста играш с јаболко.
данж те царот догледат,
данж ти царство поклонит!“
Уште речта не рече,
ми го царот здогледа
и му царство поклони.

Во Зборникот на браќата Миладиновци покрај повеќето лазарски песни среќаваме податок и за изведувањето на на овој обичај во Струга во половината на деветнаесетиот век. „Рано децата ходат по куќи со шарени стапчиња. Тој ден и повике в недељата, в Цветници се собираат девојките по махали и направјет една од нив невеста. Кого ке сретат на п’т обиколисват и пејат секому по возраста му, т.е. ако је неженет друга песна, ако је женат друга, ако је жена или девојка друга. Тој дават пари на невестата која му целиват р’ка. Со тие пари накупвет нужните јела и се гоштевает и попраштает Лазара со ора и песни“.

Јасминка Т.Момироска