Српскиот воен аналитичар Мирослав Лазански неодамна тврдеше дека позади вооружените инциденти во Македонија стојат намерите да се спречи изградбата на рускиот гасовод „Турски тек“, пишуваат српските медиуми, пренесува „Макфакс“.
Гостувајќи на „ТВ Пинк“, Лазански објаснил дека Македонија е најпогодното место за да се пресече „Турски тек“ и да се спречи неговата изградба.
„Македонија е најслабата алка на таканаречениот „Турски тек“ кој треба да оди преку Русија, Турција, Грција, Македонија, Србија и Унгарија. Тука е најлесно да се пресече. Турците ќе дозволат, Ципрас најверојатно ќе дозволи, Србија ќе дозволи поради тоа што повеќе ќе заработи од оваа траса, отколку таа да поминуваше низ Бугарија, Орбан ќе дозволи и ете руски гас во Австрија. Како да се пресече тоа? Најлесно е да се разниша Македонија“, објаснил Лазански коментирајќи го неодамнешното заземање на полициската станица во Гошинце.
Тој додал дека не гледа нити една друга причина за нов албански бунт во Македонија, имајќи предвид дека по Охридскиот договор тие ги имаат сите права, а нивните претставници се наоѓаат дури и во врвот и челото на безбедносните служби во Македонија.
Проектот „Турски тек“ е направен како алтернатива на пропаднатиот проект „Јужен тек“, чија изградба поради притисокот на ЕУ и САД, беше сопрена во Бугарија.
OhridNews
извор:“Макфакс“