Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ги воодушевил синоќа новинарите кои го чекале исходот од маратонските преговори за Сирија, носејќи им две шишиња вотка.

Шеесетина новинари трпеливо го чекале во женевскиот хотел исходот од руско-американските преговори за Сирија. Нешто пред полноќ им биле доставени десетина пици за да го ублажат гладот.

А потоа лично се појавил Лавров со две литри вотка.

„Пиците ви се од Американците, а ние ви носиме вотка“, рече Лавров и предизвика смеа меѓу новинарите.

Претходно Лавров ги обвини Американците дека непотребно ги одолговлекуваат преговорите.

Неколку часа подоцна, Лавров со Кери постигна договор.

САД и Русија го усогласија во сабота во Женева планот со кој повторно би заживеал мировниот процес за Сирија, а тој вклучува примирје во целата држава што би требало да стапи во сила во понеделник, на 12 септември, првиот ден од муслиманскиот празник Курбан-бајрам.

Исто така, планот вклучува и подобрена достава на хуманитарната помош и заеднички напади врз забранетите исламистички групи, како што се Ал Нусра Фронт и Исламска држава.

OhridNews
извор: „Макфакс“