Издателството “Везилка 2011” ја објави новата, 32-ра поетска книга “Лавиринт” од Ристо Лазаров. Како и последните десетина книги на овој автор, и оваа содржи 50 песни, седум по седум во седум циклуси и една воведна песна. Авторот на поговорот кон книгата, професорот Ферид Мухиќ оваа книга ја нарекува поетска ревизија на архетипските митови.
Класичните антички митови, оценува Мухиќ, од Тројанската војна и сите најважни херои и ликови кои одиграле клучна улога во овој настан опеан од Хомер, преку Зевс и Хермес, Пигмалион и Галатеја, Епигоните и Тресандар, кралот Едип, Гигантомахијата, Терсит, Јасон и Аријадна, Минотаурот, Еак, реките Лета и Стикс, Орфеј и Евридика, Амазонките, Херод…
Лазаров ингениозно ги вклучува во своите апдејтирани, осовременети опсервации, ги адаптира и ги контекстуализира, ту во најширокиот конктекст на карикирање, ту сосема ги локализира на препознатливи ликови и настани од нашето секојдневие, заведливо и интелигентно водејќи не низ светот што постапно се оформува во еден вистински лавиринт во кој, сфаќаме, дека сме затворени и од кој нема ниту спас, ниту излез. Основниот и едновремено, доминантниот ефект што го предизвикува читањето на книгата Лавиринт, со право може да се оквалификува како задоволството во текстот – што Ролан Барт го издвои како највредното и најзначајнот својство на секое книжевно уметничко дело – заклучува во поговорот кон “Лавиринт” професорот Ферид Мухиќ.
Инаку, “Лавиринт” пред извесно време беше одбиена на конкурсот на Министерството за култура на РМ за финансирање на проекти од национален интерес за 2017 година.
OhridNews