Добитникот на „Златниот венец“ на 54- те Струшки вечери на поезијата, кинескиот поет Беи Дао, претпладнево пристигна во Струга. Беи Дао, кој во 2003 година беше учесник на фестивалот, изрази задоволство што годинава учествува како лауреат на највисокото фестивалско признание, но и што ќе има повторно можност да се сретне со големи поетски имиња од целиот свет.
– Дефинитивно наградата е многу важна за мене, но многу поважен е поетскиот фестивал кој продолжува да влијае и да ги оформува луѓето. Ова е еден од најстарите поетски фестивали во светот, изјави Беи Дао по пристигнувањето во Струга, изненаден дека, како што рече, толку мала држава може да има толку големо и длабоко влијание во светската поезија.
Беи Дао утрово пристигна на скопскиот аеродром „Александар Велики“, каде беше пречекан од раководството на Струшките вечери на поезијата, директорот Мите Стефоски и претседателот на Управниот одбор Славе Ѓорѓо Димоски. Освен добитникот на „Златниот венец“ во Струга пристигна и Хасан Зактан од Палестина и Јусеф Комуњака од САД.
Официјалната фестивалска програма почнува утре со традиционалното засадување дрвце и поетско читање во Паркот на поезијата, во чест на лауреатот. Пред платото на Домот на поезијата вечерта покрај традиционалното читање на Константиновата “Тжга за југ” годинава поетско послание ќе има познатиот сириско-либански поет со светска слава Адонис, кој ќе се обрати во име на сите поети учесници и лауреати на Златниот венец кој годинава одблежува 50 години. Годинашните Струшки вечери на поезијата ќе бидат во чест на 50 години од востановувањето на највисокото признание „Златниот венец“, кое секоја година го добиваат поети со .високи поетски достигнувања.
Покрај вообичаените поетски читања во Струга и Охрид, годинава прв пат учесниците ќе имаат можност својата поезија да ја претстават истовремено на настани во Ресен, Битола и Скопје. На фстивалот ќе учествуваат 44 поети од 29 земји. Присутни ќе бидат имиња во современиот поетски свет од Шпанија, Шведска, Индија, Германија, Норвешка, Австралија, Чиле, Јапонија, Израел, Словачка, Русија, САД, Либан, Мексико, Молдавија… Покрај годинашниот лауреат, кинескиот поет Беи Дао, меѓу учесниците се и Јусуф Комуњака од САД – добитник на Пулицерова награда и Адонис, кој е лауреат на СВП од 1997. Новина годинава се и поетските портрети, каде неколку значајни имиња ќе се претстават со поетско читање, но и со нивно претставување.
Традиционално на затворањето на манифестацијата „Мостови“ ќе бидат врачени наградите „Златен венец“ на кинескиот лауреат Беи Дао, „Мостови на Струга“ – за дебитантска поетска книга на млад странски автор на Паула Бозалонго од Шпанија и на македонскиот поет кој ќе ја добие наградата „Браќа Миладиновци“.
OhridNews