Поезијата не е само песна на рајот, таа е песна и на земјата и ако ова место толку ја сака поезијата и копнее по неа, тоа не е случајно. Бидејќи поезијата тука постоела, таа ќе постои и нема да исчезне насекаде во светот. Се надевам дека засекогаш ќе останете со поезијата, која не е само жанр, туку е ритам на човечкото битие, рече јужнокорејскиот поет Ко Ун, добитник на Златниот венец на 53. Струшките вечери на поезијата на прес-конференција по пристигнувањето во Скопје.
На средбата со новинарите, заедно со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, раководството на СВП и делегација од националната комисија на УНЕСКО од Јужна Кореја, Ун рече дека за остварувањето на соништата некогаш треба време, а дека неговиот сон за Македонија штотуку се остварил.
Според него, Македонија и Јужна Кореја се слични во страдањата зашто во двете земји се пролеани многу солзи.
-Името на Македонија е славно и распространето во историјата на човештвото и низ годините многу страдало… Кога ќе се вратам во мојата земја и кога ќе пишувам поезија, многу слики и пејзажи од Македонија ќе бидат дел од неа, истакна 81-годишниот Ко Ун – , кому в недела во Струга ќе му биде врачено високото фестивалско признание.
Ун има слава на национален поет и е меѓу најзначајните имиња на светската поезија. Не пропушти и да зборува за поезијата.
-На поезијата не и треба само светло, туку и силна темнина. Навистина е чест што Македонија има долга традиција на ваков настан, како што се Струшките вечери на поезијата. Ова е место каде што треба да има поезија, рече Ун.
Министерката Канческа-Милевска истакна дека неговото творештво е дел од светската поетска ризница.
-Исклучително значајно по своите естетски и поетички особености. Иако првенствено „Златниот венец“ се однесува на неговата творечката дарба, симболично преку неа се наградени и сите поетски вредности на азиската книжевност, на кои припаѓа и една голема литература како што е корејската. Уверена сум дека оваа награда ќе значи и силен поттик во воспоставување на духовните мостови меѓу македонската и корејската, односно азиската книжевност и култура воопшто, рече Канческа-Милевска. Таа на гостинот од Далечниот Исток му подари теракота и монографија „Чудесна Македонија“.
Ко Ун е роден во 1933 во градот Гунсан, во корејската провинција Чола, во време кога земјата била под окупација на Јапонија. Критичарите се единствени во рецензиите кои говорат дека огромниот опус од 150 дела на Ун не може да се спореди со творештвото на ниту еден жив автор во светот. Напишал повеќе од кој било корејски поет. Издал 140 книги од кои 50 се книги поезија. Комплетното творештво објавено пред неколку години е собрано во 40 томови. Ален Гинзберг го опишал како „грандиозен поет, комбинација на будистичка маестралност, страстен политички либерал и историски натуралист“, а дека пезијата на Ко Ун ја отсликува корејската душа.
OhridNews
Извор:МИА