Кинескиот поет Беи Дао, утрово во паркот на поезијата во Струга го засади традиционалното дрво, со што го најави почетокот на 54-то издание на Струшките вечери на позијата. По тој повод се одржа поетско читање во чест на добитникот на „Златниот венец“.

Беи Дао е 50-ти лауреат на Струшките вечери на поезијата. Големото потско признание вели дека му значи многу, дотолку повеќе што доаѓа од манифестација со долга традиција.

-Македонија е древна земја, со јазик кој не е многу распространет низ светот, а организира многу значајна манифестација. Се прашувам како може и кој е мотивот една мала земја како Македонија и град како Струга да организираат манифестација како Струшките вечери на поезијата и да бидат толку добри домаќини. Oвој концепт на фестивали поттекнува од периодот по Втората светска војна, а Струшките вечери на поезијата прераснаа во голема традиција што претставува голема чест за секој лауреат.-рече лауреатот Беи Дао.

Тој по втор пат е на Струшките вечери на поезијата по 2003 година, овојпат како добитник на „Златниот венец“.

-Чувството на среќа претставува еден вид слабост на човекот, кога ќе се добие една ваква престижна награда. Јас не верував дека ќе го добијам Златниот венец, што ми претставува посебна чест како поет, посебно поради тоа што ова признание претставува врска помеѓу поетот и неговото твроештво.-истакна Беи Дао.

Претседателот на УО На Струшките вечери на поезијата Славе Ѓорго Димоски рече дека овој поетски фестивал е најстар во светот  и ужива голема репутација.

-Сите модерни поетски фестивали го употребуваат нашиот модел, но немаат едно нешто – магијата на „Мостови“ на истекот на реката Дрим која што го прави повеличествен фестивалот. -истакна Ѓорго Димоски.

Мите Стефоски, директор на Струшките вечери на поезијата истакна дека манифестацијата низ децениите опстојување одолеала на секакви влијанија, политички и други и дека токму оттука извира реномето на фестивалот.

-Нема случаен добитник на Златниот венец. Фестивалот одлучува автонмомно без влијанија околу изборот на лауреат на Струшките вечери на поезијата.-рече Стефоски.

Во рамки на манифестација во хотелот „Дрим“ попладнево ќе биде отворена изложба на Александар Ѓорѓиев, а свеченото отварање ќе се одржи вечерва пред платото на „Домот на поезијата“. 

Утре на 27-ми август за учесниците ќе биде организиран излет до манастирот „Св. Јован Бигорски“ каде што ќе се одржи Меѓународното поетско читање „Кругови“. Истиот ден со почеток во 18 часот во Хотел „Дрим“ ќе има претставување на едицијата „Плејади“, по што ќе се одржи поетско читање на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“. Во 20 часот ќе се одржи поетски времеплов „50 години Златен венец“, а во 21:30 часот на Сцената покрај езерото ќе се одржи Вечер на современа мексиканска поезија, поетското читање „Кругови“ и „Ноќ без интерпункција“. Во рамки на програмата, за овој ден предвидена е и „Поезија на пат“ односно поетски читања во Битола, Ресен, Скопје и Охрид.

Инаку градоначалникот на Струга Зиадин Села втора година по ред ги бојкотира Струшките вечери на поезијата.

Г.М.