Ракометниот клуб Пролет е една од двете екипи која во првата етапа најде начин и го совлада охридскиот ракометен состав. Шанса за „враќање на долговите“, ракометарите на Охрид ќе имаат во мечот од 10-та рунда во Супер лигата кој ќе одигра утре (недела) во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 19 часот.

„Гладијаторите“ натпреварите на домашен терен ги играат пред полни трибини, а до сега никоја екипа не успеа да замине со позитивен резултатот од охридската арена.

  • Јасно ние дека ракометарите на Охрид се во предност поради атмосферата, но слободно можам да кажам оти и ние ќе се мотивираме и ќе одиграме максимално борбено пред толкав број на публика. Секој сака да игра во полна сала, да се докаже пред што побројна публика. Охриѓани создаваат убава атмосфера, затоа очекувам квалитетен натпревар во кој бодовите се важни и за двете екипи. – изјави Ласко Андоновски за клупскиот сајт на Пролет.

Еден од адутите на тренерот Никола Матлиески смета дека пресметката во Охрид ќе биде сосема различна од мечот во Скопје кој „пролетерите“ го добија.

  • Во тоа прво коло славевме лесно, но знаеме дека овојпат задачата ќе биде многу потешка. Охрид во меѓувреме влезе во победнички ритам и заслужено се наоѓа во горниот дел од табелата. Сигурно ќе стори се за да ја продолжи победничката серија и против нас, но и ние одиме во натпреварот со сопствени сметки. Забележавме пет победи во последните пет кола и сакаме да продолжиме во ист ритам. Противникот го краси цврста игра во одбраната, но и ние имаме свои адути, треба да играме брзо во напад и цврсто во дефанзива. Ако успееме во тоа, ќе имаме реални шанси за освојување на нови бодови. – додаде Андоновски.

Натпреварот од 10-та рунда се игра в недела со почеток во 19 часот. Тимот на Охрид ќе биде на сериозен испит, бидејќи во ростерот ќе ги нема Дарко Георгиевски и Славиша Димитријески кои се суспендирани еден натпревар поради инцидентот со Пелистер во претходната 9-та рунда.

OhridNews