Долгоочекваното враќање на теренот на осумката на Челзи Френк Лампард се очекува на неделниот дуел на Стемфорд Бриџ со  Сандерленд.


Лампард нема настапено од крајот на август кога беше опериран од хернија. Враќањето на репрезентативецот ќе му биде добредојдена на Карло Анчелоти со цел да ја задржи или евентуално зголеми бодовната предност која сега изнесува четири бодови во однос на Манчестер Јунајтед, а пет во однос на Арсенал.

Англискиот премиерлигаш, Тотенхем, соопшти дека негативното салдо на клубот во периодот јуни 2009 – јуни 2010 година изнесува 7,75 милиони евра. Во наведениот период Тотенхем најмногу пари потрошил на трансфер на нови фудбалери.


Минатата сезона „Спарси“ ја завршија на четвртото место во Премиер лигата со што се изборија за учество во Лигата на шампионите.

-Од оваа сезона го гледаме резултатот од добрите инвестиции во изминатиот период, поточно од инвестирањето во играчкиот кадар“, рече претседателот на Тотенхем, Даниел Леви.

Во тековната сезона Тотенхем се наоѓа на седмото место во домашното првенство додека во Лигата на шампионите, во конкуренција на Интер, Вердер и Твенте се наоѓа на првата позиција во А групата.

Фудбалската асоцијација на Англија ќе покрене истрага против Блекпул, откако тренерот на тимот Ијан Халовеј за натпреварот со Астон Вила настапи без десет стандардни првотимци.

Дефанзивецот на Астон Вила, Џејмс Колинс, во последните моменти од натпреварот го постигна победничкиот гол за конечни 3:2, иако за Блекпул играа играчи кои вообичаено седат на клупата или на трибините.

Халовеј се брани дека клучните фудбалери ги одморал за многу позначајниот натпревар против Вест Хем кој ќе се одигра во сабота. Натпреварот со Вест Хем ќе биде еден од четирите натпревари кои Блекпул ќе ги одигра во следните две недели.

Минатата сезона поради сличен потег, Фудбалската асоцијација на Англија со 25.000 фунти го казни менаџерот на Сандерленд, Мик Мекарти. Халовеј најави дека ќе поднесе оставка доколку клубот биде казнет.

“Извор Макфас“