Лајонс клубот ” Охрид” во сабота 28. јуни во хотелот “Дончо” од 21 часот свечено ќе го одбележи  едногодишното постоење. Во рамките на свеченоста  ќе се одржи и аукција на уметнички слики која ќе има хуманитарен карактер, а членовите на клубот ќе донираат и крв.

“Одбележуваме една година од формирањето. Навистина кус период, но премногу богат со активности. Во клубот членуваат 24 истакнати членови кои се признати и во своите професии”, не го криеше задоволството на денешната прес-конференција, досегашниот претседател и еден од основачите на Лајонс клубот ” Охрид”, Сашо Василевски. Тој кажа дека 18-те клубови во Македонија, во Лајонс Интернационал се признати под уставното име, Република Македонија. “Обврска и на грчките лавови е да ни се обраќаат со Република Македонија”, додаде Василевски.


Лајонс клубот Охрид одбележува една година од постоењето

Во едногодишното делување, Лајонс клубот “Охрид ”  донирал  850 илјади денари, изјави Ѓоко Апостолов. Реализирани се 11 значајни активности преку кои им е помогнато на лица со посебни потреби, но и на талентирани луѓе, рече Апостолов.
Со клубот од мај годинава раководи Павел Попоски. Тој денеска беше задоволен, што лавовите си го добија вистинското место, а не како што се сметаше на почетокот дека тие се дел од политичка партија, верска заедница или некаква секта. “Ние служиме” е нашето мото, објасни Поповски. Ние им служиме на сите на кои им е неопходна нашата помош, што значи дека сме хуманитарна организација, образложи Попоски и најави дека  и во иднина ќе се обезбедува помош на заедницата, а ќе се соработува и со останатите хуманитарни организации и институции.
 
Во Македонија постојат 18 лајонс клубови, дел од Лајонс Интернационал. Оваа голема хуманитарна организација со хуманитарен карактер со седиште во Чикаго брои 1 милион и 600 илјади членови.

      Александра Ристоска