Нaјмладиот лајонс клуб во Охрид – „Лихнидос“, утре го одбележува првиот роденден. Симболично првата свеќичка на роденденската торта ќе го осветли патот кон формирање на професионален театар во Охрид, а покрај поддршката на овој амбициозен проект во зародиш, лавовите од „Лихнидос“ во изминатата година реализираа и повеќе хуманитарни активности.

– Л.К. „Лихнидос“ зеде учество во повеќе хуманитарни активности на Црвениот крст – Охрид, а реализира и неколку проекти од јавен интерес. Во О.У „Св. Климент Охридски“ беше изградена рампа за пристапен пат за ученици со хендикеп, беше поддржан проектот за чистење на Охридското Езеро од цврст отпад, а во Центарот за социјални работи беше реконструирана една  просторија за изградба на шалтер – информираат од клубот.


Покрај овие активности членовите на Л.К. „Лихнидос“ на повеќе институции донираа технички помагала, компјутерска и друга опрема, а помош им беше пружена и на неколку социјално загрозени лица. Клубот организираше и повеќе хуманитарни манифестации, a во соработка со културниот центар „Медиа артес“ беа реалзирани серија детски претстави, преку кои беа обезбедени средства за набавка на нагледни средства кои на роденденот на клубот, утре вечер, ќе им бидат предадени на директорите на основните училишта во општината. Од Л.К. „Лихнидос“ информираат дека во тек е формирање на  фолклорно друштво, а во реализација се и  повеќе хуманитарни проекти за помош на децата со дијабет и на лица со посебни потреби.


Првиот роденден Л.К. „Лихнидос“ ќе го одбележи со скромна прослава утре вечер во Центарот за култура „Григор Прличев“, во рамки на која ќе биде одиграна претставата „Граница“ од Венко Андоновски, со која симболично треба да биде официјализирана иницијативата за формирање на Професионален театар во Охрид.

OhridNews