Жителите и сопствениците на угостителски објекти во туристичката населба Лагадин се против давањето на плажите од оваа населба под концесија.

„Доколку тоа се случи  се одзема единствениот јавен простор во населбата“, вели Виолета Јованоска, сопственик на куќа во Лагадин. Според неа, комерцијализацијата на плажите дополнително ќе го оптовари сообраќајот на тој потег и ќе создаде хаос кој негативно ќе влијае на туризмот.

Жителите од Лагадин бараат статус исто како и селото Пештани каде плажите остануваат слободни, за што тие денеска писмено ги известија Министерството за транспорт и врски, градоначалникот и Советот на општина Охрид.

Доколку државата не се премисли и ги издаде плажите во Лагадин под концесија тоа ќе го отежне живеењето во населбата смета Загорка Иваноска, постојан жител во населбата.

Населбата Лагадин е изградена во 1968 година. Денес таа има има околу 100 приватни куќи, пансиони со апартмани, хотели и други угостителски објекти. Сопствениците сметаат дека плажите во населбата и натаму треба да останат слободни. Тие не добиле известување од Локалната самоуправа дека тие ќе се издаваат под концесија, иако им било ветено дека ќе бидат информирани доколку тоа се случи. Покрај нив денеска реагираше и невладината „Финмале“ која исто така се противи на издавањето на плажите.

Реакциите доаѓаат само еден ден пред истекот на рокот за пријавување на заинтересираните за закуп на плажите на подрачјето на Општина Охрид што на 15 -ти февруари го распиша Министерството за транспорт и врски.

Г. Момироски
Фото: С. Костоски