Фудбалерите на Лабуништа го освоија целиот плен во дерби средбата со Охрид победувајќи со фантастичен пресврт 3-2 (1-1) во последните минути од натпреварот. „Зелено белите“ со триумфот го продолжија походот кон водечките места на табелата додека охриѓани останаа без заслужен бод во дербито.

Со иницијатива на домаќините започна натпреварот во Струга. Лабуништа прво се закана преку Александар Далчески. Ударот на офанзивниот фудбалер заврши покрај голот. Домаќините целта ја погодија во 9-та минута. Сунај Хасан најдобро се снајде во мешаницата и го отвори резултат.

Избраниците на Драган Бочески брзо се консолидираа и од првата шанса постигнаа изедначувачки погодок. Игор Клечкароски нафрли во срцето од 16-те метри, Љупче Трпески скокна највисоко и со главата ја смести топката во мрежата од домаќините.

До крајот на полувремето немаше пссериозно прилики и на одмор двете екипи замина со по еден постигнат погодок.

На стартот од второто полувреме, Лабуништа продолжи да ја контролира играта, но Охрид беше тимот со повеќе прилики. Ударите на Стојанче Велинов завршија над голот, а еднаш на вистинско место беше Самед Кадриоски кој ја расчисти опасноста во казнетиот простор.

Во 69-та минута, Охрид остана со фудбалер помалку. Шериф Реџепи доби директен црвен картон поради удар со лакто. Во следната акција, охриѓани стигнаа до водство 1-2. Дефанзивецот Александар Василев со глава ја погоди целта за предност од 1-2.

Очекувано, Лабуништа фрли се на една карта и долго време неможеше да го пробие бедемот на Охрид. Во 90-та минута Петар Љамчевски од втор обид успеа да ја погоди целта за 2-2. На крилата од изедначувачкиот погодок Лабуништа нападна уште еднаш и во последната минута од судиското продолжение реализираше комплетен пресврт. Џокерот Михајло Јакимоски кој влезе од клупата со десна нога ја затресе мрежата за голема победа.

Погодокот на Јакимоски, бурно го прослави клупата од Лабуништа провоцирајќи ги охридските фудбалери и стручниот штаб. На ниските провокации наседна Стојанче Велинов кој доби црвен картон.

Во следната рунда, Охрид на домашен терен го пречекува Вардар Форино додека Лабуништа гостува кај тимот на Гостивар.

Мх.П.