Европската унија не смее да стане зависна од несигурни земји во нејзината транзиција кон зелена економија, исто како што стана зависна од руските фосилни горива, изјави денеска во Давос претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, додавајќи дека Русија почнала да ги користи залихите со храна како оружје, како што тоа го прави со енергијата.

Економиите на иднината повеќе нема да се потпираат на јаглен и нафта, туку на литиум за батерии, силициум метал за чипови и трајни магнети на ретки земји за електрични возила и ветерници. Зелената и дигиталната трансформација значително ќе ја зголемат нашата потреба за овие материјали, рече Лајен на Светскиот економски форум.

Лајен истакна дека ЕУ, кога станува збор за многу од овие материјали, се потпира на неколку земји во светот. Мораме да избегнеме да паднеме во истата замка како со нафтата и гасот. Не треба да замениме една зависност со нова, и затоа работиме да обезбедиме издржливост на нашите синџири на снабдување, рече претседателката на ЕК.

Решението лежи во силните меѓународни партнерства, рече Лајен, додавајќи дека Комисијата веќе склучила партнерство за стратешки суровини со земји како што е Канада.

Ќе следат дополнителни сигурни партнерства. Заедно, можеме да создадеме побалансирана меѓузависност и да изградиме синџири на снабдување на кои навистина ќе можеме да им веруваме, рече Лајен.

Војната во Украина, додаде таа, ја зајакна решеноста на Европа брзо да се ослободи од руските фосилни горива.

Лајен посочи дека Русија ги користи енергетските резерви како оружје и оти истото се случува и сега со безбедноста на храната, додавајќи дека „има очигледни знаци на растечка криза со храната“.

Како што рече таа, руската армија ги запленува резервите на жито и механизацијата во Украина, намерно бомбардира складишта за жито, а руската морнарица ги блокира украинските бродови со пченица и семки од сончоглед во Црното Море, што има последици во целиот свет.

Пред сè, Русија сега го натрупува својот извоз на храна како форма на уцена – ги задржува залихите за да ги зголеми светските цени или тргува со жито во замена за политичка поддршка. Таа користи глад и жито за да ја одржи моќта, рече Лајен, истакнувајќи дека глобалната соработка е „противотров на руската уцена“.

Лајен рече дека ЕУ предложила макрофинансиска помош за Украина од 10 милијарди евра, што е најголемиот пакет од таква помош понудена на трета земја. Украина мора да победи во оваа војна. А агресијата на Путин мора да биде стратешки неуспех. Ќе направиме се што можеме за да им помогнеме на Украинците да победат и да ја земат иднината во свои раце, рече Лајен, додавајќи дека за првпат во историјата ЕУ пружила воена помош на нападнатата земја.

Лајен посочи дека обновата на Украина треба да вклучи „амбициозни реформи за модернизација на украинската администрација, цврсто воспоставување на владеење на правото и независност на судството, борба против корупцијата, изградба на одржлива конкурентна економија и на тој начин поддршка на Украина на нејзиниот европски пат“.

Во обновата на Украина, додаде таа, треба да се искористи замрзнатиот руски имот, ако е можно.

Украина му припаѓа на нашето европско семејство. Украинците претрпеа брутално насилство. Тие се бореа за својата слобода и хуманост. Ние сме со нив. Ова е одлучувачки момент за демократиите во светот, рече претседателката на ЕК.

Лајен посочи дека војната во Украина не е само прашање на опстанок на земјата или прашање на европска безбедност, туку дека го доведува во прашање целиот меѓународен поредок и затоа борбата против руската агресија е задача на целата светска заедница.

Претседателката на ЕК, исто така, рече дека Русија може да се врати во меѓународната заедница „ако го најде својот пат кон демократијата, владеењето на правото, почитувањето на меѓународниот поредок заснован на правила“, додавајќи дека иднината на Русија е во рацете на нејзиниот народ.

OhridNews