Ринг за борби на кучиња на јавна површина е направен во околината на Охрид, на излезот кон Струга, рингот на крвопролевањата, каде некои лица жедта за крв и за крвави пари своите апетити ги задоволуваат, реагираат од „Лајка“. Потенцираат дека речиси две години кај што стои поставен, а никој од надлежните не превзема ништо, иако низа закони се прекршуваат.
Низа граѓани, кои одат на рекреативна прошетка во оваа област, одамна реагираат на ова ужасие, но молк е. А точната локација е во областа Мауцкер, кај што порано војската вежбаше стрелање, а сега веќе стои изградена база. Воедно, речиси сите во Охрид знаат кој и зошто чува ваква раса на кучиња, а и ветеринарите знаат кој и зошто им носи вакви кучиња на шиење (или на сечење уши и опашки, што исто така е незаконито). Молкот, пасивноста, игнорантноста се служители на злото, и од тоа злото само на замав добива, велат од „Лајка“.
Упатуваат апел до институциите бидејќи, велат, законите постојат за да се почитуваат од секој еден, а не за да некои се ставаат над нив, и притоа вака јавно да се гордеат со тоа кршење на законите и со монструозноста своја.
Од СВР Охрид денес со сооштение дека преземаат интензивни контроли на целото подрачје на Охрид, Струга, Кичево и Дебар, со цел санкционирање на лица организатори на борби со кучиња или други слични активности, што се во спротивност со Законот за заштита и благосостојба на животните.
Во СВР Охрид досега нема официјално доставена пријава за борба со кучиња. Апелираат до граѓаните доколку забележат ваква појава, да пријават во најблиската полициска станица. Во текот на октомври 2023 година, извршен е разговор со Б.А.(45) од кичевското село Зајас, поради сомнение дека организирал настан со кучиња во атарот на кичевското село Букојчани. Известен е надлежен јавен обвинител и против организаторот ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат од СВР Охрид.
Додаваат дека според Законот за заштита и благосостојба на животните, забранета е вклученост, поттикнување, организирање, рекламирање, одржување и обложување на борби со животни, за какви било намени.
И градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, повика на брза институционална реакција од соодветните институции, додавајќи дека сосема небитно е дали локацијата е во Охрид, Струга или некаде на друго место, сликата е нечовечна и нецивилизирана.
Н.С.Ј.
фото. „Лајка“