Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека фокусот на претстојната средба на лидерите на двете страни ќе биде презентацијата на првиот нацрт статут на Заедницата на српски општини (ЗСО) во Косово и усвојувањето на Декларацијата за исчезнатите лица.
Лајчак синоќа на Фејсбук напиша дека на дневен ред на средбата меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Албин Курти, на 2 мај во Брисел, ќе бидат и актуелни прашања што треба под итно да се разгледаат.
Тој наведе дека во тек се „интензивни подготовки“ за првата средба меѓу Вучиќ и Курти по Охрид, на која двајцата лидери на 18 март постигнаа договор за имплементацискиот анекс на Договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.
Како прв состанок по Охрид, средбата ќе биде важна за имплементација на Договорот и неговиот анекс. На дневен ред ќе бидат формално усвојување на Декларацијата за исчезнати лица, презентација на првиот нацрт статут на Здружението/Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово од страна на менаџерскиот тим и актуелни прашања што треба итно да се разгледаат, напиша Лајчак.
Словачкиот дипломат додаде дека ЕУ „затоа очекува дека двете страни во Брисел да дојдат добро подготвени и целосно посветени на фазата на имплементација“.
Лајчак ваквата агенда за следната рунда од дијалогот меѓу Вучиќ и Курти ја објави веднаш по синоќешното објавување на прелиминарните резултати од вонредните локални избори во четирите општини со мнозинско српско население на северот на Косово, кои беа бојкотирани од Србите.
OhridNews