Американскиот режисер и Оскаровец Квентин Тарантино доби ѕвезда на патеката на славните во Холивуд, само неколку дена пред премиерата на својот најнов филм „Осумтемина омразени“. Тој се потсети на времињата кога како дете со ридителите во познатиот Кинески театар на Холивуд булеварот ги гледал филмовите како што се „Буч Кесиди и Санденс Кид“ и „Дијамантите се вечни“ со Џејмс Бонд. Покажувајќи на својата ѕвезда изјави дека ред се чекало до крајот на блокот. Тие стоеле во редот и во еден момент се наоѓал токму каде што сега стои неговата ѕвезда.

 

Додал дека е среќен што има своја ѕвезда на Булеварот на славните заедно со останатите кои направиле одлична работа во седмата уметност. На свеченоста друштво му правеа некои од неговите бројни соработници како Пам Грир, Тим Рот и Семјуел Л. Џексон кој игра и во неговото ново остварување. Во својата досегашна кариера има добиено два Оскари, обата за најдобро сценарио и тоа за филмовите „Осветата на Џанго“ и „Ефтини приказни“.