Во насока на поттикнување на земјите од Југо-Источна и Источна Европа за прифаќање на Стратегиите за чисти горива и возила, вклучително и стандардите за горива и возила, Охрид денеска и утре е домаќин на  Регионална работилница за усогласување на барањата за квалитет на горивата. Основната цел на работилницата е да се споделат искуствата и практиките во насока на исполнување на барањата на ЕУ за  квалитет на горивата.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека во соработка со Партнерството за чисти горива и возила (ПЦФВ), УНЕП и Регионалниот центар за заштита на животната средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ) ги спроведува активностите за исфрлање од употреба на оловниот бензин во Република Македонија. Во текот на последната година обезбедена е континуирана поддршка на општествените чинители во насока на подобрување на квалитетот на горивата и намалување на загадувањето на воздухот во согласност со барањата на ЕУ. Како резултат на овие активности беше развиена Програма за исфрлање на оловниот бензин од употреба, соопшти МЖСПП.

На Регионалната работилница во Охрид, што се одржува во организација на МЖСПП, учествуваат претставници од јавниот и приватниот сектор, релевантни Министерства надлежни за квалитетот на горивата, произведувачи и дистрибутери на горива од  Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Ohridnews